Грчкиот парламент гласаше против новата рунда на намалување на пензиите што од први јануари требаше да стапат во сила. Пратениците едногласно го отфрлија предлогот за кратење на пензиите, кое би изнесувало околу еден отсто од годишниот бруто-производ на Грција.

Оваа мерка би погодила околу 1,4 милион од вкупно 2,6 милиони пензионери, чии месечни приходи би биле намалени за 14 отсто, според процените на Европската комисија, пренесува Танјуг.

Грција во август излезе со третата и последна програма за меѓународна финансиска помош, со ветување дека во наредните години ќе продолжи со спроведување на строгите фискални политики, во замена за добиените ветувања од кредиторите дека на Атина ќе ѝ ги олесни условите за исплата на постојните кредити.

Меѓународните кредитори неодамна се согласија дека натамошни кратења не се потребни за да може Грција да воспостави урамнотежен буџет.