Поради 24-часовниот штрајк на работниците во Грција, вчера беа во прекин железничкиот и поморскиот сообраќај, како и јавниот градски превоз во Атина. Штрајкот е во организација на синдикатите од приватниот сектор, поради острите мерки за штедење на грчката влада.

Под слоганот „Штрајкуваме, се бориме, бараме“, Конфедерацијата на работници на Грција од вчераутро започна 24-часовен генерален штрајк, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот во јавниот превоз предизвика сериозни проблеми во Атина Со исклучок на автобусите што ќе сообраќаат неколку часа, сите други јавни превозни средства (метро, тролејбуси, трамваи) не функционираа24 часа.

Од конфедерацијата на грчки работници, меѓу другото, бараат минимална плата од 751 евро, колективни договори, работа за сите, целосна социјална помош и за 11 часот по локално време најавија протест во центарот на Атина.

Штрајкуваа и новинарите, а Грција беше без вести, информативни емисии на радијата и телевизиите и без весници.