Турција мора да го запре своето провокативно однесување и да се усогласи со меѓународното право, повикуваат од Министерството за надворешни работи на Грција во соопштението по повод 47-годишнината од турската инвазија на Кипар.
Од грчкото МНР истакнуваат дека Грција, „во целосна координација со Република Кипар, работи на праведно и одржливо решение на кипарското прашање“, решение што ќе се заснова на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и европското законодавство, односно обединет Кипар во рамките на една федерација со две заедници и две зони.
Продолжувањето на незаконските активности, како и новите соопштенија од турска страна ги прекршуваат соодветните одлуки на Советот за безбедност, целосно се во спротивност со заклучоците на Европскиот совет, како и со повиците на меѓународната заедница. Тие се за осуда и не треба да останат неодговорени. Турција мора веднаш да запре со провокативното однесување и прекршувањата и да се усогласи со меѓународното право – соопштуваат од грчкото МНР, пренесе „Нетпрес“.