Поставувањето на нова асфалтна патека и на лифт на споменикот Партенон во Атина, кој датира од петтиот век пред нашата ера, се критикувани од страна на археолозите кои ваквата постапка ја сметаат за скандал, пренесува „Гардијан“.

Грчкиот архитект Манолис Корес кој ја надгледува реставрацијата на Партенон, смета дека на Акропол не му се потребни никакви подобрувања. Тој го смета споменикот што оспстана издржувајќи експлозии, пожари и земјотреси, за архитектонско ремек-дело.

– Повеќе генерации на учени луѓе се обидоа да воспостават ред во овој хаос. Станува збор за заштита на тоа што е тука. Во болница вие се грижите за пациентите. За мене, пациентите се камењата – објаснува Корес, кој е на чело на комитетот за конзервација на спомениците на Акропол.

Поставувањето на нова асфалтна патека, која треба да им го олесни пристапот на луѓето со инвалидитет, сепак, наиде на негодување од јавноста. За време на пандемијата е поставен и нов лифт со капацитет за пренос на две инвалидски колички истовремено. Тоа е замена за стариот лифт кој престанал да функционира пред извесно време. Критичарите се жалат дека потезите се за потребите на туризмот, а не за заштита на спомениците.

Отвореното писмо со кое се бара отстранување на новитетите собра повеќе од 3.500 потписници.