Цените за недвижен имот во Загреб во последните пет години пораснале за 26 отсто, а просечната продажна вредност за еден квадратен метар изнесува 2.019 евра. Становите во Загреб се за 11 отсто поскапи од лани, а просечното зголемување изнесува 206 евра за квадрат, пишува „24 часа“.

Во последните десет години во главниот град на Хрватска речиси немаше нови градби, а купувачите исчезнаа. Со заживување на домашната економија пазарот на недвижности се раздвижи, а дополнителен импулс беа државните субвенции и ниските камати за кредитите. Градбата на згради за живеење се интензивира, а становите се купуваат веднаш со поставувањето на темелите, затоа што се поевтини за 150 евра за квадрат. Од новоизградените станови, околу 20 отсто остануваат непродадени. – Цените на становите што се огласуваат за продажба секогаш се намалуваат од пет до десет отсто.

Многу сопственици бараат нереални цени, но нема побарувачка за овие станови – вели Боро Вујовиќ, потпретседателот на Здружението на агенции за продажба на недвижности.

Цените на недвижностите во цела Хрватска се за седум отсто повисоки во споредба со минатата година.