Арбитражно тело да го овозможи приемот на Македонија

Тоа што особено ме загрижува за пристапувањето на Македонија во ЕУ е што повторно една земја ја одредува иднината на ЕУ. Значи, ова веќе не е повеќе проблем на Бугарија со Македонија, туку сериозен проблем за Европската Унија, која мора институционално да пронајде решение за блокади од поединечните членки

Германски пратеник загрижен за бугарската блокада на приемот на Македонија во ЕУ

Западен Балкан меѓу демократските предизвици и европската аспирација: каква улога има Советот на Европа? Ова е прашањето на кое Јосип Јуратовиќ, пратеник на социјалдемократите во германскиот Бундестаг, член на одборот за надворешна политика и претседател на парламентарната група за Западен Балкан, се обидува да даде одговор во текстот за ИФИМЕС – Меѓународен институт за блискоисточни и балкански студии со седиште во Љубљана.
Посебно внимание во неговата анализа привлекува делот посветен на Македонија.
„Тоа што особено ме загрижува за пристапувањето на Македонија во ЕУ е што повторно една земја ја одредува иднината на ЕУ. Значи, ова веќе не е повеќе проблем на Бугарија со Македонија, туку сериозен проблем за Европската Унија, која мора институционално да пронајде решение за блокади од поединечните членки. Поради тоа, предлагам прашањето за Бугарија и за Македонија да го предадеме на меѓународната заедница и овој спор да се реши со формирање арбитражно тело, како на пример во случајот меѓу Словенија и Хрватска, и на тој начин да се овозможи почеток на процесот на пристапување на Македонија така што сите ќе го зачуваат образот“.
Во продолжение, Јуратовиќ укажува дека ЕУ има 27 членки и секогаш постои можност за различни условувања и блокади, кои државите-членки треба да ги избегнуваат, односно за тие прашања да пронајдат институционални одговори. Тоа е особено важно во околностите кога силно влијание на Западен Балкан се обидуваат да остварат други држави и интересни сфери. Неодлучноста на ЕУ и неадекватното дејствување може да имаат стратегиски последици на Западен Балкан, односно поединечни држави, наспроти опструкциите и неизвесноста на процесот на проширување на ЕУ и притисокот на домашната јавност што може да доведе до промена на геополитичките ориентации на овие држави.

„Сметам дека со заедничкото дејствување со новата американска администрација, која даде нагласок на човековите права и демократијата може да постигне очекуван ефект на Западен Балкан и да биде поттик за развојот на овие општества со силни државни институции. Без силни институции нема силни држави, а без тоа нема основа за развој на демократијата и човековите права во правна смисла на тие зборови“, објаснува германскиот пратеник.
Во продолжение, тој укажува дека политиката на меѓународната заедница во текот на распадот на поранешна Југославија направи сериозна грешка, од која денеска мораме да учиме. Хелсиншката повелба за право на самоопределување на народите беше благослов за повторно обединување на Германија – но погубна за поранешна Југославија. Самоопределувањето на народите без почитување на Повелбата за човекови права ја спречува демократијата и создава национализам, а со тоа и страшни последици, кои ги знаеме од крвавиот распад на Југославија, констатира Јуратовиќ, во неговата анализа.
Вредноста на демократските општества на Западен Балкан никогаш не била вистински пожелна. Еден босанскохерцеговски политичар на темата за непочитувањето на темелните демократски права одговори дека „Европа е слаба и имаме време“. Советот на Европа мора да биде, пред сѐ, верна на сопствената резолуција, која е утврдена во Повелбата за човекови права. Тоа значи дека нема трговија со антидемократските сили, кои ги занемаруваат темелните права. Тоа значи поддршка за вистинските демократски сојузници на терен.
Во исто време, тоа значи дека не треба повеќе да се финансираат проекти што ги водат автократски влади, кои не дозволуваат демократизација во нивните земји. Не смееме да дозволиме демократските вредности да ги жртвуваме поради некој привиден мир и стабилност.

Со други зборови, Советот на Европа мора силно да бара доследна примена на своите демократски вредности и стандарди, а тоа конкретно значи:
Прво, во конкретните земји, наша главна контактна точка на соработка мора да биде највисокиот орган на кое било основно демократско движење, имено парламентот и институциите што произлегуваат од него, а не партиските водачи.
Второ, мораме да започнеме активна борба против корупцијата во државните институции, со дејствување на правосудството.
Трето, најголема катастрофа за Западен Балкан е образовањето на младите во националистички дух. Затоа ни е потребен нов заеднички учебник по историја во кој воените злосторници ќе бидат именувани како такви, наместо да ги претставуваат како херои. Неприфатливо е парите од даночните обврзници на нашите држави, ЕУ, кои било меѓународни институции да ги користат поединци и политички партии на сите нивоа на власта на Западен Балкан, кои го оспоруваат и негираат геноцидот или не признаваат правосилни пресуди на домашните и меѓународните судови. Оваа практика е потребно да се прекине и тука е важна улогата на Советот на Европа, кој со своите механизми може да влијае како најстара европска демократска институција.
Наведените три точки се тест за нашиот кредибилитет, заклучува Јуратовиќ.