Хрватска повторно е зафатена од снежна бура поради што беа затворени сите патишта за камиони со приколки и трактори од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно.

Како што јавуваат тамошните медиуми, поради орканот, сообраќајот на Јадранската магистрала беше затворен за сите возила, и тоа на потегот помеѓу Карлобаг и Света Марија Магдалена.

За денес е најавен метеоролошки аларм за цела Хрватска, освен за истокот на земјата.

Жолт метеоролошки аларм е прогласен за поголем дел од земјата поради ветер, дожд, грмежи, а во централна Хрватска и на северот на земјата поради снег и мраз.

Издадено е портокалово предупредување за регионот на Риека и Кварнер, каде што се очекува невреме со налети до 145 км на час.

Прогласено е највисоко, црвено ниво на предупредување за областа под Велебит, каде што се можни налети на бура до 150 км на час.

Ова е втор априлски снег, кој создаде хаос во сообраќајот во Хрватска.