Изјавата на американскиот претседател Џо Бајден дека масакрот врз Ерменците во Османлиската империја е геноцид е едноставно срамна и Турција во наредните месеци ќе одговори на различни начини, изјави денеска Ибрахим Калин, претставник на турскиот претседател.

По неколку децении балансирање на Белата куќа во коментарите за масовното убиство на Ерменци во текот на 1915 година, претседателот Бајден синоќа даде изјава во која страдањето на Ерменците го нарече геноцид, пренесува „Ројтерс“.

Калин не прецизираше дали Турција ќе го забрани пристапот на САД до воздухопловната база „Инџирлик“ во јужна Турција, која беше користена за да се обезбеди воздушна поддршка во вооружените акции преземени од меѓународните сили против Исламска држава во Сирија и Ирак, или пак станува збор за некоја друга возвратна мерка.

Турските власти брзо ја осудија вчерашната изјава на претседателот Бајден, а Калин најави дека претседателот на Турција, Ердоган, ќе зборува за овој случај утре, веднаш по владината седница.

Турција признава дека многу Ерменци кои живееле во Османлиската империја биле убиени во судири со царските сили во Првата светска војна, но негира дека убиствата биле вршени систематски и претставувале геноцид.

Синоќа Министерството за надворешни работи на Турција го повика американскиот амбасадор во земјата поради изјавата на претседателот Бајден и ја пренело острата реакција на официјална Анкара.

На состанокот било посочено дека изјавата на Бајден не е законски заснована и дека Анкара ја отфрла, смета дека е неприфатлива и остро ја осудува, а било нагласено и дека истата ќе предизвика „рана во билатералните односи што ќе биде тешко да се залечи“.