Политичкиот аналитичар од Приштина Бељуљ Бечај денеска оцени дека акцијата на полицијата во Косовска Митровица во која беше уапсен директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, е резултат на договор помеѓу претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.

Бечај за Радиотелевизија Косово(РТК) оцени дека апсењето на Ѓуриќ било „неопходно бидејќи на тој начин се создава клима што ќе го оправда идното евентуално решение за отворените прашања, вклучително и за северот на Косово“.

„Мојата проценка е дека токму таа мрачна слика е повеќе или помалку координиран производ или провокација на двајцата претседатели Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Создавајќи клима на страв, актерите кои се носители на ваквата политика на некој начин сега се оградуваат од она што евентуално ќе биде максимум за едниот или другиот во нормализацијата на односите на двете земји“, рече Бечај во емисијата „Слободно српски“.