Српскиот претседател Александар Вучиќ за време на едногодишниот мандат само во девет отсто изјави зборувал вистина и повеќе пати ги пречекорил претседателските овластувања, објавија српски медиуми пренесувајќи анализа на Вистиномер.

Повеќе од 90 отсто изјави на Вучиќ во првата година од мандатот биле невистинити, се наведува во анализата.

– Од вкупно 33 изјави само девет отсто биле вистинити – наведува Вистиномер и додава дека во тој период Вучиќ исполнил само шест отсто ветувања.

Во првата година од мандатот на претседателот на Србија регистрирани се бројни пречекорувања на овластувањата – од изборот на премиерката Ана Брнабиќ, до утврдување мерки за популистичка политика, се вели во анализата на Вистиномер.

Меѓу останатите изјави на Вучиќ, илустриран е и примерот со патишта.

– Се испостави дека ветувањето на Вучиќ дека до 2017 година ќе имаме повеќе километри автопатишта од Хрватска не беше точно. Се покажа дека Србија во 2017 година има ист број километри како Хрватска во 2003 година. И недостигаа нешто повеќе од 550 км за да се изедначи под услов Хрватска да престане да гради патишта – наведува Вистиномер.

Српскиот претседател тврдел дека растот на економијата во државата е поголем од европскиот просек, а се увидело дека во тој момент Србија имала речиси двојно помал раст од просекот во државите од ЕУ. Вучиќ тврдел дека Србија во 2016 година имала најголем економски раст на Западен Балкан, но во споредбена анализа се укажува дека поголема стапка на раст имале во Хрватска, Албанија и во Косово.

– Зборувајќи за намалување на јавниот долг, Вучиќ во изминатата година изјави неколкупати во април 2014 година кога стана премиер, дека јавниот долг бил околу 77 отсто БДП. Во тој момент јавниот долг всушност, бил 62,5 отсто и на крајот од годината бил 70 отсто БДП – велат од Вистиномер.

Вучиќ ветил дека градоначалникот на Белград, Синиша Мали ќе поднесе оставка до крајот на летото 2017 година бидејќи белграѓани го барале тоа поради противзаконско уривање на Савамала во изборна ноќ пред две години. Но, Мали останал на функција до крајот на мандатот и потоа е избран за минстер за финансии.

Вистиномер е портал што се занимава со проверка на факти со оценување изјави на јавни личности и политичари низ анализи за важни општествени и економски прашања.