Некогашниот американски конгресмен и долгогодишен албански лобист Џозеф Диогарди, ги обвини косовскиот премиер Хашим Тачи и претседателот Рамуш Харадинај дека се „мафијаши заинтересирани за власт и пари“, потенцирајќи дека Тачи платил 2,3 милиони евра на една американска компанија за промоција на сопствената автобиографија.

-Хашим Тачи и Рамуш Харадинај се мафијаши. Не се заинтересирани за народот туку само за пари, моќ и уште моќ – изјавил тој за приштинскиот портал Инсајдер.

Диогарди и Том Лантос се сметаат за први сериозни промотери на идејата за косовска независност во Капитол хил во Вашингтон. Неговото семејство веќе со години ја води Американско-албанската лига. Диогарди го изнел и своето мислење дека албанската политичка елита „мисли дека се може да купи со пари“.

– Се обидоа и мене да ме купат. Ми понудија пари за да можат да кажат дека имаат поддршка од Диогарди. Но, јас не сакам да примам одликувања од корумпирани лидери – изјавил некогашниот конгресмен.

Тој исто така го обвинил Тачи дека за пишување и промоција на својата автобиографија платил со пари од буџетот на Косово, како и дека 2,3 милиони буџетски пари добила компанијата „Алстон брд“ во која како советник работи поранешниот сенатор Роберт Дол, уште еден од попознатите албански лобисти во САД.