Официјален Белград е подготвен да ја прифати иницијативата за инфраструктурно поврзување, но поставува свои услови

Авионското и железничкото поврзување меѓу Белград и Приштина не значи нужно и одмрзнување на политичките односи меѓу двете земји, кои долго време не се поместуваат од мртва точка

По договорот на американскиот специјален претставник за дијалогот помеѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, со српскиот претседател Александар Вучиќ, вчера во Берлин беше предвидено да се одржат разговори за реконструкција на железничкиот, патничкиот и карго-сообраќајот меѓу Косово и јужна Србија, кој е во прекин повеќе од две децении. Воспоставувањето железнички врски стана приоритет, откако американските власти посредуваа минатата недела во постигнувањето договор за повторно воспоставување на воздушниот сообраќај меѓу Белград и Приштина по 21 година.

Во изјавата за американската новинска агенција АП, Гренел, кој истовремено е и американски амбасадор во Германија, рече дека договорот за обнова на железничкиот сообраќај меѓу Србија и Косово ќе биде важен за обете страни. Намерата е преку воспоставување блиски економски односи меѓу Србија и Косово да се создадат и политички услови за продолжување на дијалогот меѓу двете земји, што подолго време е замрзнат по одлуката на косовската влада да воведе високи царини за увоз на српските производи.

Официјален Белград е подготвен да ја прифати иницијативата за инфраструктурно поврзување на двете земји, но како што пишува „Новости“, српскиот претседател Александар Вучиќ, по разговорите со Гренел, порача дека не прифаќа еднаквост меѓу воведувањето на царинските такси и кампањата за повлекување на признавањето на Косово, што се води од српското министерство за надворешни работи. Од српската страна поставуваат два услова за прекинувањето на лобирањето: првиот е укинување на косовските царини, а вториот е Косово да се обврзе дека нема да води акција за зголемување на бројот на земјите што би го признале како независна држава во меѓународните организации и асоцијации.

Членот од Советот за демократизација на политиката од Берлин, Бодо Вебер, вели дека секоја спогодба меѓу двете земји е добредојден, но смета дека САД, ни самите, ни со преземањето на улогата на лидер, не можат да доведат до решавање на односите меѓу Србите и Албанците.
– Доколку се заобиколат ЕУ и главните членки, како Германија, а во исто време и се провоцира со потпишување договор за отворање авиолинија во амбасадата на САД во Берлин, малиот напредок може да биде претворен во Пирова победа – предупредува Вебер за „Танјуг“.

Американскиот амбасадор во Србија, Ентони Годфри, за иницијативата на специјалниот пратеник на американскиот претседател Ричард Гренел смета дека тоа е обид дијалогот меѓу Белград и Приштина да се помести од мртва точка.
– Ова е начин да се види како може преку приватниот сектор да се помести нешто, а политиката да остане настрана – изјави Годфри, во настап на ТВ Пинк.
Претседателот на Самоопределување, Албин Курти, кој доби мандат за формирање на новата косовска влада, по повод предлогот на Гренел, на прашањето на Радио Слободна Европа, го повтори својот претходен став, а тоа е укинувањето на таксите од 100 отсто да се замени со целосен реципроцитет, кој се применува во меѓународните односи.