Кај косовските политичари постои разногласие за прекинувањето на традиционалното пријателство со САД

Официјален Белград е задоволен од најновата дипломатска пресметка на релацијата Вашингтон – Приштина, а српските медиуми наголемо пишуваат за „новите американски пријатели“

Вашингтон се закани со повлекување
на своите трупи од Косово

 

Оваа недела е клучен период во која приштинската власт ќе одбере по кој пат ќе продолжи во односите со Србија, но од посуштинско значење за нив ќе биде како во иднина ќе се одвива досегашното албанско-американско пријателство. До 15 март косовскиот премиер Албин Курти треба да одлучи дали ќе го прифати советот од Вашингтон за безусловно укинување на царините за српските производи или ќе остане доследен на својот почетен став за сукцесивно укинување на царинските бариери за производите од Србија и од Босна и Херцеговина. На домашниот терен состојбата за новата косовска влада, предводена од лидерот на Самоопределување, не е нималку поволна, од причина што има разногласие за тоа дали е потребно да се прекине традиционалното пријателство со САД, кои беа досегашен силен поддржувач на албанската кауза на Балканот и на идејата за независна држава Косово.

Разликите во политичката приштинска елита и во сегашната владина коалиција се толку длабоки, во однос на ова прашање, што веќе има и јавни закани дека е можно да падне владата на Курти, доколку тој не попушти во своите намери, за што има и прикриена поддршка од големите земји од Европската Унија, пред сѐ од Германија.
За сѐ позасилените притисоци од Вашингтон, говорат и пораките што беа испратени последните денови од високи претставници, кои се блиски на канцеларијата на американскиот претседател Доналд Трамп, а кои се однесуваа на можноста за повлекување на американските војници од Косово! Американскиот сенатор Дејвид Пердју со објава на Твитер, потсети дека „американските сили повеќе од две децении помагаат за одржување на мирот меѓу Косово и Србија, но доколку Косово не е целосно посветено на мирот, тогаш САД треба да го преиспитаат присуството таму“. Веднаш под оваа објава, синот на претседателот Трамп, појасни дека се согласува со ставот на Пердју, со појаснување дека „на Косово има 650 американски војници и време е тие да се вратат дома“.
Приврзаниците на американската линија на Косово, кои се од редовите на Демократскиот сојуз на Косово, отворено се ставија на страната на САД. Заменик-премиерот Авдулах Хоти најави излегување од коалицијата со Самоопределување и рече дека нема да дозволи да се случи нарушување на американско-албанското пријателство.
– Побрзо се расипува Владата, отколку пријателството со САД – изјави Хоти. Неговиот партиски лидер Иса Мустафа оцени дека односите меѓу Косово и САД се во многу деликатна фаза, но и критична фаза, и побара безусловно укинување на таксите за српските производи. Разлики во ставовите за високите царини имаше и во претходното косовско раководство, односно меѓу проамериканско ориентираниот косовски претседател Хашим Тачи и претходниот премиер Рамуш Харадинај, кој останува верен на својата одлука за воведување на трговското ембарго кон Србија и БиХ.
За сериозноста од притисоците од САД врз одлуките на косовската влада, говорат и информациите објавени во медиумите, дека веќе се во сила санкциите што ги објавија американските официјални претставници пред неколку недели, со што се откажува инвестицијата на „Милениум челинџ корпорејшн“, која од вчера требало официјално да започне да инвестира во Косово во три клучни проекти во вредност од околу 200 милиони евра.
– Покрај економските санкции, САД се заканија на Косово со повлекување на своите трупи доколку не се укинат царините веднаш и безусловно – пишува „Зери“.
Од официјален Белград благонаклонето гледаат на најновата дипломатска пресметка на релацијата Вашингтон – Приштина, а српските медиуми наголемо пишуваат за „новите американски пријатели“, кои застануваат на страната на Србија во решавањето на косовскиот спор.

Меѓутоа, некои од надворешнополитичките аналитичари се мошне резервирани за тоа дека станува збор за искрени намери од најновото „свртување“ во досегашната политика на Вашингтон, во однос на Балканот, а изјавите за повлекување на американските војници од Косово се толкуваат повеќе како „дипломатски“ блеф за да се изврши притисок врз сегашната косовска влада. Ако се погледне пошироко, најновите случувања се одраз на прегрупирањето на силите на балканските простор, преку придобивање нови „миленичиња“, во овој случај тоа е Србија, и нејзино оттргнување од прегратките од Русија, со која беа склучени договори во областа на одбраната и енергетиката, вредни неколку милиони долари. Не треба да се занемари и разидувањето на ставовите меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и германската канцеларка Ангела Меркел, која се противи на плановите за нови граници на Балканот и решавањето на косовското прашање.

– Сите овие случувања околу укинувањето на таксите се одраз на различниот пристап меѓу САД и ЕУ не само во оперативна и техничка смисла туку и во идеолошка. Од една страна, е конзервативната опција на Трамп, а на другата либералната опција на ЕУ, која застапува поинаква идеолошка матрица. Вучиќ направи еден чекор поблиску до американската страна. Важно е светските сили да сфатат дека Србија не е таа што го кочи дијалогот – вели Невен Цветичанин, претседател на Форумот за стратегиски студии ИДН, во изјава за „Србија Данас“.
Косовскиот премиер Албин Курти не верува дека САД ќе воведат економски санкции за Косово поради одбивањето да ги укине таксите, а изрази сомневање и во најавите дека американските трупи ќе го напуштат Косово.

Неговиот став е дека и да го сторат тоа, нема да биде поради таксите. Доколку има таква одлука, станува збор за намалување на трупите што САД ги извршија во Авганистан и во Сирија, пренесе „Коссев“. Со свое мислење се јави и американскиот генерал Бен Хоџис, кој повлекувањето на трупите од Косово го смета за грешка, затоа што КФОР е осамено сидро за стабилност во регионот. – Повлекувањето на војниците, пред да се спроведе договорот, би било како исфрлање од игра на првиот тим во финишот на натпреварот, во време кога ќе почнете да водите во играта – напиша генералот Хоџис на Твитер.
За вчера во 15 часот беше најавена вонредна седница на косовското собрание поради доведување во опасност при­ја­телските односи со САД.