Медиумите во регионот информираа дека почетокот на регионалниот самит во Тирана почнал со студеното ракување меѓу Александар Вучиќ и Хашим Тачи

Самитот на западнобалканската шесторка во рамките на процесот „Брдо-Бриони“, кој вчера се одржа во Тирана, се одвиваше во атмосфера на зголемени тензии на релацијата меѓу високите претставници на Србија и на Албанија. Пред одржувањето на состанокот група граѓани протестираа во близината на зградата на претседателот на Албанија, во знак на незадоволство од доаѓањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик.

Албанскиот премиер, Еди Рама, рече дека Вучиќ и Додик се добредојдени во Тирана. Рама, коментирајќи го барањето на албанското радикално движење ,,Самоопределување“ да ги прогласи за непожелни Вучиќ и Додик, на телевизијата Пинк рече дека Албанија е слободна земја и дека гостите се добредојдени.

Тензијата продолжи и со вчерашната изјава на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој однесувањето на Албанија на „Брдо-Бриони“ во Тирана го оцени како „безобразно што заслужува остар одговор од Србија“. Неговата остра реакција следуваше по настапот на албанските претставници, кои се залагале за укинување на границите меѓу Албанија и Косово и за припојување на три општини од југот на централна Србија кон територијата на Косово.

– Ова е плукање во лицето на целата Европска Унија и на сите оние што Србија ја убедуваат дека треба да бидеме конструктивни. Тоа значи ние да седиме мирно на масата, а оние под маса да форсираат формирање на голема Албанија – изјави Дачиќ.
Српскиот министер за надворешни работи потсети дека целта на самитот во Албанија е унапредување на соработката во регионот, зближување и помирување. Но наместо тоа, албанскиот премиер Еди Рама и косовскиот претседател Хашим Тачи разговараат на „национално обединување“. Дачиќ го постави прашањето дали воопшто треба да се учествува на ваквите собири, затоа што зад нивен грб се турка идејата за голема Албанија.

Медиумите во регионот информираа дека почетокот на регионалниот самит во Тирана почнал со студеното ракување меѓу Александар Вучиќ и Хашим Тачи, во присуство на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. Оваа средба доаѓа еден ден откако српскиот претседател порача дека никогаш нема да ја признае косовската независност, додека косовскиот претседател изјави дека доаѓа во Тирана и разговарал со албанскиот премиер Еди Рама за целосно укинување на границите меѓу двете земји.
Приштинската ТВ7 објави дека Тачи целосно го игнорирал Милорад Додик, кој моментално претседава со Претседателството на Босна и Херцеговина.

Министерката за европска интеграција на Србија, Јадранка Јоксимовиќ, за протестот што го организира косовското движење „Самоопределување“, рече дека е против мирот, стабилноста и развојот на регионот. Протестот, наедно е атака на вредностите и тековите на модерна Европа, за што Србија е целосно посветена, додаде таа.