Најголемата партија на Србите во Косово, Српска листа, смета дека, „во неможност да понудат подобри услови за живот за сите граѓани на Косово“, политичките претставници на Албанците на граѓаните им нудат „војна и сепаратистички приказни“.

– Така, тие денеска изјавија дека за Приштина војната со Србија не е завршена, поради што очекуваме итна реакција на меѓународната заедница – се вели во соопштението на Листата по вчерашното одбележување на 140-годишнината од Призренската лига.

Според оваа партија, таквите изјави на некои од говорниците на вчерашната свечена седница на Собранието во Призрен, се опасни за мирот и безбедноста на Балканот.

Партијата на косовските Срби го повтори своето спротивставување на формирањето војска на Косово, затоа што, според неа, „тоа е спротивно на Резолуцијата 1244 на Обединетите нации и на Договорот од Куманово, но и на интересите на српскиот народ во Косово и на српската држава“.