Убиствата на членот на мафијашкото семејство Бонано, Силвестер Зотола, во Њујорк, и на гангстерот Џон Макрис во Атина, кои беа застрелани во октомври минатата година, како и грабежот на домот на поранешниот фудбалер Раул Тамудо во Барселона, во август (беше украдена неговата колекција часовници вредна над 100 илјади евра), ги поврзува заедничка нишка, бидејќи за извршување на злосторствата се осомничени Албанци, што претставува доказ за зголеменото присуство на албанската мафија, пренесува британскиот магазин „Економист“.

Во одредени проценки, официјалните лица од Интерпол ја рангираа албанската мафија пред руската, според заканата што ја претставува, додека британската полиција ги обвинува нејзините членови за зголемувањето на активностите поврзани со трговијата со луѓе. Постојат тврдења дека мафијашите од Албанија и од Косово преку убиства успеале да ја преземат контролата врз продажбата на кокаин во Велика Британија.

Познат е и случајот со криминалното семејство Рудај, кое беше на врвот на неговата моќ, во Њујорк во 90-те години на минатиот век, поради што го ословуваа и како „шестото семејство“ во американската метропола, покрај петте постоечки италијански мафијашки семејства. Сите негови членови завршија во затвор.

Но, Јана Арсовска која предава на градскиот универзитет во Њујорк и која ги следи активностите на албанскиот организиран криминал во изминатите 15 години, тврди дека албанската мафија претставува мит. Насилството на криминалците кои доаѓаат од Албанија и од Косово не докажува дека тие припаѓаат на структурирана организација со утврдени ритуали, како на пример, сицилијанската Коза ностра или јапонските јакузи, според неа.

– Можеме да забележиме повеќе организации кои делуваат независно едни од други. Нивните припадници зборуваат албански, но тоа не значи дека се поврзани со организации во Албанија. Исто така, тие несекогаш се етнички Албанци – тврди Арсовска.

Постојат повеќе фактори што објаснуваат како организираниот криминал успеал да пушти корења во Албанија по падот на комунизмот. Тоа се распуштањето на безбедносната служба Сигурими во 1991 година, кое остави без работа 10 илјади агенти со вештини погодни за организираниот криминал. Згора, многумина Албанци останаа без своите заштеди поради бројните пирамидални шеми, што придонесе и за кражбата на 550 илјади парчиња оружје од воените оружарници. Постои и силна поврзаност помеѓу герилците, криминалците и политичарите создадена за време на балканските војни. 

Индивидуалци од мафијата се отселиле во странство, но не постојат доволно докази оти клановите оформени во Албанија се прошириле надвор од државата, како што е случај, на пример, со италијанската Н’дрангета. Токму нивната непромисленост и своевидна неструктурираност ги прави тешки за откривање.