Поради можноста од евентулани инциденти, за време на погребот на убиениот Константинос Коцифас, албанската полиција усвои посебен план во кој ќе бидат вклучени голем број припадници на разни сектори на албанската полиција.

Вечерва и во текот на утрешниот ден се очекува од Грција да пристигнат над две илјади лица за да му оддадат последна почит на Коцифас, а веќе неколку дена, посебно денеска во неговото родно село Буларат има бројни грчки новинарски екипи.

За да се избегне доцнење а со тоа и непотребни недоразбирања и различни коментари, на граничните премини на албанскио-грчката граница посебно на преминот Какавија, кај Ѓирокастро, во кој регион е и селото Буларат, надлежните од двете земји договориле да се зголеми бројот на шалтерите за контрола.

Какавија ќе биде место каде ќе престојуваат албански и грчки високи полициски личности кои будно ќе ја следат ситуацијата и ќе разменуваат информации со полициските старешини непосредно ангажирани за безбедноста.

На денешната вонредна седница, Советот на општина Дропул, донесе одлука да ги покрие финансиските трошоци за погребот.

Албанскиот државјанин Костантинос Коцифас (35), кој поседувал и грчко државјанство, беше убиен на 28 октомври, во престрелка со припадниците на специјалната единица на албанската полиција „Ренеа“, а денеска попладне неговите посмртни останки беа пренесени во родното село.

Темелна епскертиза на телото беше извршена во Универзитеската клиника „Мајка Тереза“ во Тирана, по барање на неговите родителите, кои не веруваа во наодите од обдукцијата извршена во болницата во Ѓирокастро.

Официјалните резултати од експертизата ќе бидат објавени за неколку дена.

По барање на грчката страна, поради фактот што убиениот е и грчки државјанин, во Тирана допатува и делегација на грчкото министерство за внатрешни работи, со цел да се запознае со околностите во кои се случило убиството, а претходно и полициски експерт.