Албанската влада за загубени судски процеси во Стразбур, за периодот 2015- 2019 година има неисполнети обврски од 18 милиони евра, објави Високата државна ревизија. Во извештајот на ревизијата, се наведува дека станува збор за четири пресуди на Европскиот суд за човекови права.

– Поголемиот износ од оваа сума отпаѓа само на една одлука. Тоа е судењето на Џуви Шарџи и други против Албанија за уривање хотел во месноста Студена Вода во Валона, каде што како сопственик се јавува и таткото на сопругата на лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша – наведуваат медиумите. Судот во Стразбур ја осуди албанската влада на правосилна пресуда од 13,4 милиони евра за уривање на хотелот. Износот сѐ уште не е исплатен од државниот буџет.

Покрај судењето за уривањето на хотелот во Валона, Владата е осудена и за три други случаи во Стразбур, кои имаат вкупна сметка од 5 милиони евра и тие сè уште не се исплатени. Високата државна ревизија ја повика Владата да ги почитува пресудите на судот во Стразбур, бидејќи во спротивно, нивниот износ би можел да се зголеми дополнително поради каматите.

Во последните години, Албанија изгуби над 50 милиони евра по изречени пресуди од судот во Стразбур, при што многу се однесуваат на пресуди за имот. Во меѓувреме, странски компании што ја тужат Албанија во арбитражните судови бараат отштета во износ од една милијарда и 356 милиони евра.