Албанија со проактивниот однос за стекнување на поддршката од Хрватска и Германија може да влезе во пократка тест-фаза во евроинтеграциите. Во анализата на Гунтер Дојбер се отвора и прашањето за проактивниот однос на албанското државно раководство во наоѓањето „политичко спонзорство“ за забрзување на процесот за пристапување на земјата кон Европската Унија

Постојат одредени сигнали дека прашањето за повторно отворање на пристапните преговори со Албанија и Македонија ќе се актуализира, кога во првата половина на идната година Хрватска ќе претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ, а особено на самитот во Загреб во мај 2020 година. Хрватска може да понуди методи, кои потоа Германија може да ги разработи во втората половина на идната година, кога таа ќе биде на чело на европското претседателство. На овој начин, Албанија може да влезе во пократка тест-фаза, во која важни ќе бидат резултатите, но дотогаш мора да покаже посветеност кон условите зададени од германскиот Бундестаг, е заклучокот на Гунтер Дојбер, во текстот подготвен во соработка на Ваљбона Ѓека, кој беше објавен на „Имерџинг Јуроп“.

Гунтер Дојбер во овој текст, објавен под насловот „Албанија и ЕУ: сите надежи свртени кон Хрватска и Германија“, посочува на (навидум) изненадувачкиот потег на Европскиот совет, кој не даде зелено светло за почеток на пристапните преговори со Албанија во 2019 година и се забележа поголема резервираност кон неа отколку кон Македонија. Но во оваа анализа се отвора и прашањето за проактивниот однос на албанското државно раководство во наоѓањето на „политичко спонзорство“ за забрзување на процесот за пристапување на земјата кон Европската Унија.
Германија, сепак, го поддржуваше почетокот на преговорите, но само доколку Албанија ја исполни долгата листа на ригорозни услови, во кои спаѓаа реформирање на уставниот и врховниот суд, реформи во изборниот модел, отворање истражно биро и антикорупциски структури, забележува авторот. Меѓутоа, наративот е јасен: Албанија не доби дозвола да напредува во европскиот интегративен процес поради идејата за промена на целиот процес на проширување, а не поради тоа што не ги исполнила обврските. Француското „не“ всушност го претставува задоволството на француските политичари да се вклучат во геополитичките игри, но во случајот на Албанија влијаат важни домашни фактори.

Досега не стана јасно како и кога ЕУ ќе подготви нов концепт за проширување. Така, Албанија нема конкретен датум кога повторно на дневен ред ќе биде ставено прашањето за почетокот на пристапните преговори. Тоа што се случи беше удар за албанскиот народ, за неговата иднина како член на европското семејство. Клучното прашање што сега се поставува е кој треба да биде двигател на реформите во државата и како тие би станале победничка политичка стратегија за политичарите. Без јасна шанса за влез во ЕУ, вратата повеќе се отвора кон популизмот и уназадување на реформите.

Многу европски лидери и претставници го оценија како грешка неуспехот за почеток на преговорите со двете балкански држави. Искуството од претходните рунди на европско проширување покажува дека процесот може да биде бавен но успешен во некои области (како во Словачка), а во други веќе развиени држави (како Унгарија) да се јават пречки. Албанија заедно со други земји од Западен Балкан треба да добие шанса за влез во ЕУ, затоа што во изминативе години Унијата се стекна со нови компетенции преку источното проширување.

Неуспехот за почеток на преговорите со Албанија, без разлика од која причина, може силно да се одрази на привлекувањето на странските инвестиции. Од краткорочна перспектива, одложувањето на преговорите може да поттикне да се јави поголема внимателност кај веќе постојните странски инвеститори во државата. Како и народот, така и инвеститорите мора да оценат колку политичарите ќе бидат посветени на реформите и политиките на стабилност. Фирмите будно ќе следат дали Владата ќе ги спроведува реформите во подобрување на судскиот систем, борбата против неформалноста и поддршката за фер конкуренција, фискална консолидација и транспарентноста во приватните јавни партнерства. И покрај тоа, трендот на иселување може да продолжи и во иднина токму поради нејасниот став на ЕУ, што фирмите ќе ги изложи на зголемен ризик од недостиг од работна сила.

превод: Биљана Здравковска