Албанија минатата година ја посетиле околу шест милиони туристи, што е најголем број на посетители регистрирани досега, информира МИА.

Податоците на државниот Институт за статистика покажуваат дека бројот на странски туристи лани бил поголем за над 16 отсто споредено со претходната година.

По намалувањето на бројот на туристите во октомври и ноември, нивниот број повторно се зголеми во декември и тоа за девет отсто споредено со истиот месец претходната година. Последниот месец од 2018 година земјата ја посетиле над 280.000 странци.

– Од вкупната бројка на туристи за 2018 година над 60 отсто се од соседните земји. Една третина од туристите се Косовци, а веднаш по нив се Македонците. Минатата година, бројот на посетители од Косово се зголемил за 20 отсто, додека на оние од Македонија за околу шест отсто, покажуваат статистичките податоци.

Гледано во бројки лани во Албанија престојувале над 2,1 милиони Косовци и околу 660.000 Македонци.

Како и во 2017 година и лани најголем раст е забележан кај туристите од Полска, чиј број е поголем за 34,5 отсто или во Албанија престојувале околу 154.000 Полјаци. Споредено со претходната година, помал број туристи за околу два отсто пристигнале од Велика Британија, а за околу седум проценти од Црна Гора.

Албанците лани исто така доста патувале надвор од земјата, кога е забележана рекордна бројка, 5,4 милиони патувања или за 4,4 отсто повеќе од 2017 година.

Централна банка на Албанија во ноември информираше дека албанската економија во периодот јануари-септември остварила околу 1,5 милијарди евра бруто приход од туризмот.