Владите на Косово и Албанија на денешната заедничка седница во Пеќ, потпишаа договори со кои, меѓу другото, во наредните шест месеци ќе се обединат царините, ќе бидат укинати царините и роамингот во меѓусебните телекомуникации, јави дописникот на МИА од Приштина.

На свеченоста одржана по заедничката седница, министрите на двете влади потпишаа вкупно девет спогодби и протоколи.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај и неговиот албански колега Еди Рама изјавија дека соработката на двете земји е повеќе од неопходна.

Харадинај рече дека граѓаните на Косово и Албанија очекуваат уште повеќе од двете влади, но дека и овие договори што се потпишаа денеска претставуваат „конкретизација на дамнешните приоритети на двете страни“.

– Тоа што го истакнува Косово е неговото застанување на страната на САД како водечки глобален фактор и на страната на нашите стратешки партнери. Албанија секогаш можела да смета на Косово и секогаш има право да смета на Косово, но и Косово секогаш сметало на Албанија и тоа се покажа во 1999 година, во најтешките денови на нашиот живот како нација – изјави Харадинај.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека воведувањето на таксата од 100 отсто на производите од Србија и Босна и Херцеговина била „исправна реакција на неправдите кои се прават кон Косово, често и со поддршка на разни европски земји“.

Од друга страна, рече Рама, за кратко време Косово и Албанија ќе имаат нула тарифи и целосна унификација на царините.

– Денес е време да се воведат 100 отсто такси на северот и нула отсто на југот на Косово. Како второ, одиме кон царинско обединување: транзит од 1 јануари во пристаништето во Драч за Косово и други чекори во наредните шест месеци кон царинско обединување. Кој смета дека ова претставува закана, било во Белград или во Брисел, добредојден е да дојде, да седне на маса и да му објасниме дека не е закана туку е покана за сите други да земат пример од оваа соработка и Србија прва да го следи овој пример – изјави Рама.

Албанскиот премиер се заложи и за формирање на заеднички фонд на Приштина и Тирана за функционирање на надворешната политика, кој би помогнал за интегрирањето на двете држави во ЕУ до 2025 година.

Денешната седница во Пеќ е петта заедничка седница на владите на Косово и Албанија. Првата се одржа во 2014 година во Призрен, а уследија секоја наредна година по една заедничка седница во Тирана, потоа во Приштина и лани во Корча.