Албанија е главна земја на потекло на канабисот во Европа и шеста во светот за периодот 2015-2019 година, покажува последниот глобален извештај за дрога во 2021 година, публикација на УНОДЦ, глобалната канцеларија на Обединетите нации за криминал и дрога.
Според извештајот, Албанија ги надмина Шпанија и Холандија. Шпанија се споменува како осма во светот, додека Холандија е деветта, пренесува агенцијата „Балкан веб“.
Албанските мрежи за трговијата со кокаин низ цела Европа функционираат на моделот што исклучува трети страни и управува со самиот процес, од почетокот, па до крајот. Албанците заземаат значителен дел од странските државјани што се уапсени во врска со индивидуалните заплени на кокаин, проценето според големината на запленетата сума. Така, 25 отсто од апсењата на прво ниво на трговија се по потекло од Албанија.
– Покрај албанските групи вклучени во дистрибуција на кокаин низ цела Европа, вклучени се и српско-хрватските групи. Граѓаните на Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Србија, исто така, станаа клучни играчи во набавката на големи количества кокаин и организирањето превоз и продажба на европските купувачи – додава агенцијата, повикувајќи се на извештајот.