Албанија е на „крајот на почетокот, а не на почетокот на крајот“ на пристапувањето кон Европската Унија, рече амбасадорот на блокот во Албанија, Луиџи Сорека, пренесува „Јуроњуз“.

Сорека се повика на Винстон Черчил кога го прашаа за сцената во која Албанија се најде во нејзината мисија да влезе во ЕУ.

Околу 91 отсто од населението на балканската држава е за членство, но од неодамна се чини дека Французите и Холанѓаните ги блокираат разговорите за пристапување, објавува Јуроњуз.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, го искажа своето незадоволство во врска со ситуацијата, додавајќи дека приклучувањето кон Европа останува важен чекор за државата, и покрај бариерите.

– Мораме да се соочиме со тоа дека сè почесто носењето одлуки на Советот не се заснова врз она што го правиме, врз она што го прават земјите како нас, туку на внатрешната состојба или внатрешната политичка динамика во различни земји-членки – вели Рама.

И Албанија и Македонија имаа проблеми поврзани со владеењето на правото, а тоа го забави патот кон членството, пренесува Јуроњуз.

Сорека истакна дека е постигнат многу напредок, но има области каде албанската администрација треба да продолжи да работи, како што се борбата против корупцијата, организираниот криминал и изборните реформи.

Политичкиот експерт Флоријан Бибер истакна дека негативниот став на Франција и на Холандија кон проширувањето може да испрати негативна порака до владите на Македонија и на Албанија, кои пак, би можеле да мислат дека не вреди да се направат тешки компромиси доколку не бидат прифатени во блокот.