Европската Унија нема стратегија за односите со Западен Балкан, освен проширувањето. Кога проширувањето ќе заглави, влијанието на ЕУ се намалува, што отвора шанса за други претенденти, сметаат меѓународните аналитичари

Намалената мека моќ на Европската Унија во регионот им овозможува на другите земји, како Кина и Русија, кои ќе ги засилат своите напори, да ги пополнат празнините во регионот, велат аналитичарите на „Ал џезира“. Земјите-членки на ЕУ не го прифатија предлогот на Словенија, на минатонеделниот самит, за прием на Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, Македонија и Албанија, до 2030 година. Шесте земји од регионот мораше да се задоволат со изјавата на претседателката на комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лејен, која рече дека „Западен Балкан е дел од истата Европа, но дека ЕУ не е комплетна без него“.
Политикологот Јасмин Мујановиќ вели дека Москва и Пекинг веќе се вклучени во регионот, но тоа што е „навистина алармантно е што ЕУ сѐ уште нема план Б“.
– Состојбата веќе се влошува, ние веќе треба да се справуваме со нови видови безбедност, закани за нестабилност. Наспроти ова, ЕУ не артикулира никаков вид визија за проширувањето за регионот – вели Мујановиќ.
Тој потсетува на настаните што се случија во Црна Гора во 2016 година, за обидот да се инсталира проруско и анти-НАТО раководство во Црна Гора, а Москва ги отфрли обвинувањата како „апсурдни“.

Најновите случувања покажаа дека Русија се обидува да ја поткопува стабилноста на Босна и Херцеговина за да ја држи земјата надвор од НАТО, додава политикологот.
– Русија е многу вклучена во БиХ и отворено покажува дека се противи на нејзиното членство во НАТО, дека го смета за закана за безбедносните интереси на Русија. Но тоа ви кажува до кој степен Русија сега го издигна овој регион во надворешнополитичкото размислување – вели Мујановиќ за „Ал џезира“.
Веско Гарчевиќ, професор на Универзитетот во Бостон, смета дека случувањата на Западен Балкан во последните пет години „не се добар знак“.
– Слабеењето на меката моќ на ЕУ ќе го забави процесот на демократизација во регионот и ќе отвори простор за влегување на други земји. Кина го пополнува просторот што Брисел го игнорира. Москва го гледа ова како можност и ќе ја зголеми својата поддршка за групите и политичарите, како Додик во БиХ, или ќе се потруди да ја замрзне ситуацијата во Косово. Лидерите на самитот во Брдо ја истакнаа важноста на дијалогот, но не е јасно како ЕУ ќе ја искористи својата моќ ако перспективата за членство веќе не е јасна. Со перспективата за членство има силна потпора за да ги избалансира негативните трендови на Балканот – вели Гарчевиќ.
Тоби Вогел, виш соработник во Советот за политика за демократизација, посочува дека процесот на пристапување во ЕУ станува сѐ потежок. Во 2019 година, на пример, Европската комисија побара БиХ како потенцијален кандидат да исполни 14 приоритетни точки за нејзината апликација за членство. Една година подоцна, БиХ исполни само една од точките.

На ова предупредува и аналитичарот Недим Хогиќ, кој во една статија истакна дека од БиХ е побарано повеќе за отворање преговори отколку од која било друга земја.
– Со третирање на сите 14 прашања како еднакво важни и барајќи суштински уставни промени во замена за кандидатски статус со нејасна перспектива, ЕУ се обидува да постигне премногу, нудејќи премалку, ризикувајќи напредок дури и за оние прашања што не се оспоруваат – напиша Хогиќ.
Политикологот Вогел заклучува дека ЕУ нема стратегија за односите со Западен Балкан, освен проширувањето, и штом проширувањето ќе застане на патот, влијанието на ЕУ е намалено.
Додека Кина и Русија, особено од Пекинг, нудат заеми што во основа се без никакви политички услови, без услови поврзани со демократијата, владеењето на правото, многу лидери во регионот го гледаат ова како бесплатни заеми. Одложувањето на процесот на проширување на ЕУ за најмалку 15 години ги одложува и напорите на балканските лидери за спроведување на внатрешните реформи и за демократизација на општеството во балканските земји, сметаат аналитичарите.