ЦРНА ГОРА

Владата на Црна Гора го прифати текстот на Законот за академски интегритет, кој ќе ја регулира проблематиката со плагијатите при пишување и одбрана на докторатите и другите научни трудови. Министерот за образование Дамир Шеховиќ вели дека овој закон ќе биде крај за уривањето на имиџот на академската заедница и тој носи симболична порака за тоа дека одговорноста за неетичките постапки во академската заедница се доведува до ново ниво.

– Поучени од поранешните случувања со кои се доведуваше во прашање довербата кон оние што требаат да бидат идејни лидери во општеството, воспоставуваме поквалитетен систем на проверка на автентичноста на научните трудови. Сакаме да се занимаваме со превентива, а не само со санирање на штетата. Фингирањето на трудовите може да биде квалификувано како недостоинствено однесување на академската заедница – вели Шеховиќ за „Вијести“.

Црна Гора е единствена држава во регионот и пошироко што прашањето за академски интегритет го уредила на ниво на закон, со поддршка на експерти од Советот на Европа.

– Со законот се регулираат општите принципи и процедури за пишување научни трудови. Досега немаше ни етички комитет што ќе се формира во иднина. Авторите не потпишуваа ни етичка изјава, а не постоеше ни софтвер за утврдување на евентуалното плагирање што ќе биде достапен на сите високошколски институции. Дополнителна заштита е тоа што предлог за утврдување на кршењето на академскиот интегритет може да поднесе секое физичко или правно лице. Овој процес го правиме да биде целосно отворен за сите – вели Шеховиќ.

Министерот дополнува дека со законот е опфатена и работата на менторите, кои се одговорни со посебен акт на поединечната образовна установа, во кој се пропишуваат правата и обврските во текот на изработката на научниот труд, додека кандидатот е директно одговорен за кршење на академскиот интегритет.

Трудот за кој ќе се утврди дека е плагијат ќе се смета за ништовен, како и сите награди и признанија што се добиени врз основа на овој труд. Исто така, сите досегашни магистерски и докторски трудови ќе бидат предмет на проверка на нивната автентичност. Во предложениот закон јасно се дефинирани поимите за директно плагирање, автоплагирање и парафразирање без референци.