ХРВАТСКА

Жителите на Задар се загрижени за своето здравје поради депонирањето на 78 тони азбест што беше изваден од бродот „Галеб“, со кој пловеше поранешниот југословенски претседател Јосип Броз-Тито. Опасниот отпад е складиран на градската депонија. Надлежните органи тврдат дека нема опасност за загадување на животната средина, но од граѓанските здруженија најавуваат и протести за наредниот викенд поради ризикот од „еколошката“ бомба во нивна близина.
– Од азбест, според последните податоци со кои располагаме, умираат околу сто лица годишно. Секое вдишување честичка од азбест може да заврши трагично, а таа може да се манифестира и по 20 или 30 години – вели Ненад Маљковиќ, претседател на здружението „Мој остров“.

Михо Зрниќ Маринковиќ, директор во депонијата во Задар, вели дека со отпадот се постапува според пропишаните правила и соопшти дека за два месеца ќе биде преземен од друга фирма за негова понатамошна обработка.
Бродот „Галеб“ ќе биде претворен во музеј и ќе биде трајно поставен во пристаништето во Риека, во рамките на проектот за европска престолнина на културата. По завршувањето на работите за реконструкција, бродот ќе биде ставен првенствено во функција на културата, а на него ќе има и простор за изложби, кино и различни креативни работилници. Помал дел од бродот ќе биде ставен во комерцијална функција, односно со угостителски објекти и сувенирници.
– Сигурен сум дека бродот „Галеб“ ќе биде најголема туристичка атракција во Риека – изјави Војко Оберснел, градоначалник на Риека.