Исламската држава со години регрутира џихадисти на Балканот, а жариштето е Санџак, во триаголникот Босна и Херцеговина, Србија и Косово, како и соседните земји, но за овој проблем се проговори по последниот терористички напад во Виена

Aвстрија одамна е центар на џихадистите од Балканот, но и од Кавказот.
– Повеќето џихадисти што ја напуштија Австрија за да се борат за терористички организации во странство се Чеченци – рече австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер по неодамнешниот напад во Париз.
Како слаба алка во австрискиот одбранбен систем од радикалните исламски следбеници се посочуваат затворите во земјата, каде што се регрутираат нови џихадисти. Владата во Виена по нападот во Париз најави формирање „работна група“ за справување со „опасноста од формирање паралелни општества“. Виенското здружение ДЕРАД има цел да ги одврати радикализираните муслимани од џихадизам во затворите и да спречи муслимански младинци да навлезат во сцената на политичкиот ислам, се посочува во текстот на „Дојче веле“.
На почетокот на годинава, водечки џихадисти беа осудени на затворски казни во Грац. Тие шверцувале борци на Блискиот Исток преку религиозно здружение во Грац. Исламската држава со години регрутира џихадисти на Балканот, а жариштето таму е Санџак, во триаголникот Босна и Херцеговина, Србија и Косово, како и соседните земји. Пропагандните видеа на ИД се насочени кон млади мажи на Балканот. Нивните борбени имиња го означуваат нивното потекло, самите тие се нарекуваат Ал Босни, Ал Косови, Ал Албани. Визијата на радикалите е да го интегрираат Балканот во калифатот што треба да се создаде. Нивните траги секогаш одново водат и кон Виена, пишува во анализата на „Дојче веле“.

Извршителот на терористичкиот напад во Виена, дваесетгодишниот Кујтим Ф., им бил добро познат на австриските безбедносни служби. Овој Австриец со албанско потекло, чие семејство живеело во Македонија, сакал да ѝ се приклучи на Исламската држава во Сирија. За таа намера тој бил осуден на 22 месеци затвор. Во 2019 година тој бил условно пуштен од затвор, а за него се воделе надзор и грижа од ДЕРАД, кое е специјализирано за процесот на дерадикализација на младите муслимани. Постоеле и знаци дека тој може да изведе злосторство, како што е поставувањето на неговите слики на Инстаграм со две парчиња огнено оружје, со кои најверојатно е извршен и нападот, во кој биле убиени четири лица. Во акцијата на полицијата бил ликвидиран напаѓачот. Министерот за внатрешни работи на Австрија нема одговор на прашањето зошто австриските служби не го следеле подобро овој екстремист и покрај неговото радикално минато?!

Имамот Рамазан Демир, кој претходно се грижел за затворениците, предупредува на проблематичната точка и во изјава за агенцијата АПА посочи на „затворите како легло на радикализација“. На големите безбедносни „дупки“ во австриските затвори посочуваат и од списанието „Профил“, кое пишува за проблемот со шверцување мобилни телефони до радикалните затвореници, со кои се продолжува комуникацијата со надворешните исламистички ќелии. Како илустрација се наведува случајот со осудениот припадник на ИД, кој од затворот во Штајн имал редовна врска со неговите симпатизери во Сирија. Тој на една жена ѝ испратил и фотографија од затворот како стои пред црно знаме на ИД.
Австриската влада призна дека не успеала да го следи предупредувањето што го доби од Словачка минатото лето за лицето што го изврши терористичкиот напад во Виена оваа недела. Словачката полиција на 4 ноември соопшти дека ги известила своите австриски колеги оти „осомничени лица од Австрија“ се обиделе да купат муниција во соседна Словачка, но „не успеале во тоа“, објави Радио Слободна Европа.
Еден од осомничените бил и Кујтим Ф., кој застрела четири лица, а рани повеќе од 20 други, во центарот на главниот град на Австрија на 2 ноември. Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, изјави дека информациите што биле пренесени од Словачка биле испитани од домашната разузнавачка агенција БВТ, но дека не биле преземени понатамошни активности.

Владата на Австрија најави преиспитување на системот на државна безбедност и на процесот на ресоцијализација на припадниците на екстремните исламистички групи. Во иднина, при привременото пуштање на слобода, ќе треба да се консултираат и со службите за заштита на уставниот поредок. Австрискиот канцелар Себастијан Курц, по нападот во Виена, порача дека не смее да се дозволи да се оствари целта на терористите, а тоа е создавање раздор во општеството.
– Не смее да има толеранција кон нетолеранцијата. Тоа не е судир меѓу христијаните и муслиманите, или меѓу Австријците и мигрантите, туку борба на сите луѓе што веруваат во мир, тоа е војна меѓу цивилизацијата и варварството, која одлучно ќе ја водиме – нагласи Курц.


Албанија како засолниште на терористи

– Целта на терористите е да ја заплашат Европа и да извршат напади таму каде што сметаат дека нивната активност има најголем ефект. Што се однесува до Албанија, според него, терористите доаѓаат во земјата затоа што сметаат дека тука е безбедно да се засолнат, но не и за да извршат напади – изјави Фатос Клоси, поранешниот прв човек на албанската тајна служба, ШИШ, коментирајќи го терористичкиот напад во Виена.
– Тежок настан, особено за Виена. Жалиме кога ќе слушнеме дека меѓу терористите има и Албанци. Нo и меѓу Албанците, како и меѓу сите други, има луѓе со проблеми. Тие живеат за идеал, што за мене е апсурдно. Тоа се групи што отстапиле од официјалниот ислам и се обидуваат да покажат дека има луѓе што се борат. Во нив гледам маргинализирани луѓе што не постигнале ништо во други области – оценува Клоси.
Според него, кревањето на безбедносните мерки во Албанија е нормална работа, бидејќи е „програмирано да се случат вакви напади во неколку главни градови“. Тој потсетува на изјавата на ИД дека ќе побегнат од Сирија, но ќе бидат во Европа. Сите оние земји што имаат традиционални врски со земјите од каде што потекнува тероризмот се изложени на ризик, пред сѐ Франција, Велика Британија, Германија и Шпанија, пренесе „Опсервер“.