Откако добија привремено засолниште во Албанија, Македонија и во Косово, на авганистанските бегалци, кои ја напуштија својата татковина по преземањето на власта од страна на талибанците, им се организираат транспорт и постојан престој во западните земји

Неколку илјади бегалци што беа евакуирани во август и септември, откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан, и добија привремено засолниште во трите балкански земји, полека почнаа да заминуваат оттаму. По посредувањето во безбедносните и другите формални проверки, западните земји ги прифаќаат на своја територија и ги транспортираат во групи за понатамошно привремено населување.
Македонија во моментов има прифатено 407 авганистански бегалци, од кои 76 веќе заминаа во три различни држави. Десет од нив заминаа за Франција на средината на октомври, потоа други 27 лица авионски беа испратени во Ирска, а уште 35 бегалци заминаа на подолг престој во соседна Грција. Преостанатите евакуирани авганистански граѓани во Македонија претежно се сместени во хотели во близината на Скопје и на други помали места. Од Црвениот крст на Македонија изјавија дека тие се добро згрижени, обезбедени им се сите потреби, имаат пристап до интернет, а им се организирани и други активности и курсеви. Дозволено им е да се движат релативно слободно и можат со автобуски превоз да пазаруваат и да извршуваат други активности во главниот град.
Албанија прифати најголем број од евакуираните авганистански државјани. Од вкупно 2.400 бегалци што ги прими државата, 150 неодамна заминаа со летови за САД и за неколку земји од Европската Унија (ЕУ), како што албанското министерство за надворешни работи го информира БИРН. Оние што сè уште се сместени во хотелите во Драч и во Шенѓин остануваат под албанска привремена заштита, која трае една година. Албанското министерство за надворешни работи изјави дека не се очекуваат повеќе бегалци во државата, што значи дека како што сè повеќе бегалци ќе бидат подготвени за заминување, така нивниот број постепено ќе се намалува.

Во Косово, групите за човекови права беа најмногу загрижени поради недостигот од транспарентност за ова прашање во земјата. Според косовското министерство за внатрешни работи, таму се сместени 971 Авганистанец во два бегалски кампа. Повеќето од нив беа сместени во поранешен камп изграден од американско-турската градежна компанија „Бехтел енка“, а други добија сместување во кампот „Лија“, кој се наоѓа во рамките на американската воена база „Бондстил“.
Меѓутоа, БИРН не можеше да открие колку од овие луѓе се официјално пренесени во други земји или колку од нив можеби дополнително пристигнале. Косовското министерство за внатрешни работи и Владата не дадоа одговор на прашањата, ниту пак американската амбасада. Медиумите на 8 декември информираа дека 265 од авганистанските бегалци заминале за Канада, според тогашното соопштение од косовското министерство за внатрешни работи. На почетокот на декември, од Министерството информираа дека и друга група од 54 авганистански бегалци заминала за САД. Неодамна нова група од 79 бегалци исто така беше испратена за САД.