Ќе бидете пријатно изненадени од персоналните решенија на новата влада, рече лидерот на коалицијата „Црно на бело“, Дритан Абазовиќ.

Тоа го изјави на прес-конференцијата по потпишувањето на договорот за принципите на новата влада.

– Мислам дека сите ќе бидете пријатно изненадени од персоналните решенија на новата влада. Новата влада ќе биде спротивна на ДПС – нагласи Абазовиќ.

Тој додаде дека претходниот ден лидерите на сите три коалиции биле во контакт со претставници на меѓународната заедница.

– Бевме во комуникација со претставниците на меѓународната заедница, со цел да добиеме поддршка во иднина – рече тој.

Лидерите на трите коалиции кои освоија мнозинство гласови на неодамнешните парламентарни избори во Црна Гора потпишаа договор за принципите на новата црногорска влада.

Лидерот „За иднината на Црна Гора“, проф. д-р Здравко Кривокапиќ, лидерот на коалицијата „Мирот е наша нација“, Алекса Бечиќ, и лидерот на коалицијата „Црно на бело“, Дритан Абазовиќ, потоа ѝ се обратија на јавноста.