Ќе ги стигне ли правдата воените злосторници

428

Долгогодишното одолжување со судските постапки против членови на распуштените албански воени формации, кои избегнуваат да се соочат со правдата, ја отвори и темата колку лица што биле директни учесници во извршувањето воени злосторства и реално ќе ја отслужат казната

Специјалниот обвинител за злосторствата на ОВК во Хаг, Џек Смит, доставил образложение според кое Хашим Тачи треба да остане во притвор, откако одбраната побара негово привремено пуштање на слобода. Поранешниот косовски претседател и други високи функционери од распуштената воена формација се обвинети за убиства на околу 100 цивили и за малтретирање на 400 лица. Обвинителот смета дека доколку му се одобри да излезе на слобода, Тачи ќе продолжи да ја поткопува работата на меѓународниот суд и тој ќе влијае на сведоците, а се споменува и можноста за застрашување на сведоците. Не е исклучена и опасноста од бегство, поради тоа што за делото за кое е осомничен е предвидена доживотна законска казна. Во прилог на ова, специјалниот обвинител наведува дека Хашим Тачи има пристап до значајни фондови, како и мрежа на луѓе што се подготвени да му помогнат, пишува „Вечерње новости“.
Во образложението на специјалниот обвинител се потсетува и на информацијата што претходно беше соопштена на една од статусните конференции, а која се однесува на тоа дека Тачи на последниот ден од извршување на функцијата косовски претседател помилувал двајца припадници на ОВК што се осудени за воени злосторства, односно за убиства на луѓе што соработувале со Србите. Едно од помилуваните лица може да биде вклучено во врската за влијание на сведоците. Но една од причините поради кои не треба да се дозволи пуштање на слобода на Тачи е тоа што правосудството во Хаг и Еулекс немаат начини во целост да го контролираат движењето на поранешниот водач на ОВК, посочува специјалниот обвинител.

Долгогодишното одолжување со постапката членови на распуштените албански воени формации да се соочат со правдата ја отвори и темата колку лица што биле директни учесници во извршувањето воени злосторства и реално ќе ја отслужат казната што ќе биде изречена во редовна судска постапка. „Дојче веле“ потсетува на некои случаи пред Хашкиот трибунал за осудени високи претставници од Србија, како и за извршените петнаесетина правосилни пресуди пред судот во Белград за извршени злосторства на Косово. Некои од осомничените лица биле ослободени од натамошната постапка за докажување на нивната вина, а некои, и покрај изречените пресуди, не ја одлежале целосно изречената казна затвор. Пред судовите во Србија се изречени и неколку ослободителни пресуди во врска со воениот судир на Косово. За некои предмети судските постапки траат долго и сѐ уште не се завршени.
За злосторствата на Косово пред Трибуналот во Хаг им се судеше и на Слободан Милошевиќ и на шест негови блиски соработници. Поранешниот претседател на Србија почина во текот на судската постапка, но тој е споменат во други предмети како „учесник за здружени и злосторнички дела“.

Потпретседателот на Владата на Југославија, Никола Шаиновиќ, командантот на Третата армија на Војската на Југославија, Небојша Павковиќ, и началникот на МВР на Србија за Косово, Сретен Лукиќ, беа прогласени за виновни за депортацијата, убиствата и прогоните и беа осудени на казна затвор меѓу 15 и 22 години. Меѓу осудените со затворски казни од 14 до 18 години се и поранешни високи воени функционери во Србија. Но како што се забележува во текстот на „Дојче веле“, пред судовите во Белград никогаш не му се судело на ниеден високорангиран припадник на војската и полицијата на Србија. Фондот за хуманитарно право од 2012 година поднесе 11 кривични пријави за злосторства на Косово, главно против високорангирани припадници на војската и полицијата.

Во Хаг од одговорноста за воени злосторства на Косово беа ослободени поранешниот командант на ОВК Рамуш Харадинај и двајца негови блиски соработници, затоа што во судската постапка не била пронајдена врска меѓу нив и непосредните извршители на злосторствата. Обвинителството беше немоќно да спроведе правда, бидејќи некои од сведоците беа убиени во текот на судењето, како и поради измена на исказите на сведоците, но и како неверодостојноста на доказите добиени од Србија.
Меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ во 2001 година објави извештај за убиствата, силувањата и присилниот прогон на Косово што го правеле српските сили, а три поглавја се посветени на злосторствата на ОВК.