Љубљана поставува нови 20 километри жичена ограда

68

Словенија наредните недели ќе постави неколку километри нова жичена ограда по должината на брегот на реката Купа, на критичниот дел на границата со Хрватска, на кој изминатите месеци е забележан зголемен број илегални преминувања од мигранти, објави словенечката телевизиска станица ПОП-ТВ.

Словенија од 2015 година, на границата со Хрватска поставила 176 километри жичена ограда, од кои дваесетина километри се кон реката Купа. Министерството за внатрешни работи на Словенија неодамна најави воведување поостри мерки затоа што годинава бројот на мигрантите значително се зголемил во споредба со истиот период лани. Месечно има околу илјада илегални преминувања на словенечката територија.

Телевизијата објави прилог со изјави од локалното население на потегот меѓу селата Прелок и Учаковци, регион што се промовира како зелена и сигурна дестинација за кампирање и посета на селските домаќинства познати по добрите вина и домашна храна.

– На овој дел се поставени 20 километри ограда. Тие што се одлучиле за илегален премин можат да го сторат тоа каде сакаат. Тоа можат да го направат со провирање под оградата, која го нарушува изгледот на околината – вели еден жител.

Владата на Словенија ја потврди информацијата за поставување нова жичена ограда и за обновување на старите панелни блокови. Ова значи дека Љубљана испраќа сигнали дека нема да дозволи илегални миграции во шенгенската зона.

За да го спречи миграцискиот канал, Словенија во 2015 година купи од Унгарија 120 километри боцкава жица.