Љубовта што ја урна оградата во поделениот Травник

223

Оградата што го делеше заедничкиот двор на католичкиот училиштен центар „Петар Барбариќ“, во кој наставата се одвива според хрватската образовна програма, и мешаното средно училиште „Травник“, во кое се применува босанската програма, конечно е тргната. Оваа ограда долго време беше материјален доказ за неколкугодишниот наметнат и неприфатлив начин на живот во Травник. Таа беше симбол на етничката поделеност на градот.

Оградата во училишниот двор е илустрација за поделеноста на образовниот систем во Босна и Херцеговина. Граѓаните на Травник подолго време инсистираат на нејзино отстранување.

Акцијата за уривање на оградата беше иницирана од љубовната приказна на брачната двојка од Травник, Елизабет Еле Хргиќ и Инас Дагој. Тие на денот кога стапија во брак се фотографираа одделно од двете страни на оградата на училиштето. На овој начин тие сакаат да покажат дека љубовта ги надминува сите бариери.

– Во еден двор, поделен на два света. Оградата за која нѐ уверуваа дека тие од другата страна се поинакви, злобни, ништожни. Но што значи една жица, парче арматура, покрај љубовта – напиша Елизабета Хргиќ на денот на свадбата.