Југословенски фирми што ја надживеаја државата

1050

Според податоците на Агенцијата за стопански регистри, во Србија има 25 активни фирми што го носат носталгичното обележје „југословенски“

Југославија не постои веќе 15 години, но многу културни установи, фирми, организации и здруженија во Србија го задржаа називот „југословенски“ или префиксот „југо“ како дел од брендот на некогашната заедничка држава. Името на Југославија стана дел од историјата на 4 февруари 2003 година, кога беше формирана Државната заедница на Србија и Црна Гора. Сепак, старата држава како заедница на сите Јужни Словени, остави неизбришлива трага во називите на многу институции и претпријатија во Србија.

Според податоците на Агенцијата за стопански регистри, во Србија има 25 активни фирми што го носат носталгичното обележје „југословенски“. Меѓу нив се вбројуваат и институции како Југословенско драмско позориште, Југословенско речно бродарство и центар за југословенски студии. Но има и здруженија со необични имиња како што се Југословенско здружение на Латиноамериканисти, здружение на граѓани „Југоносталгија“ и Здружение на хирурзите на Југославија, пишува „Данас“.

Најстарото претпријатие, кое и денеска во името ја носи идејата за единство, е новинската агенција ТАНЈУГ, која во полниот назив се вика Телеграфска агенција на нова Југославија. Таа е основана уште во 1943 година со намера да врши информирање за борбата на партизаните во Втората светска војна. Владата на Република Србија во 2015 година донела одлука за правните последици, со кои се констатира престанок на работата на агенцијата, ТАНЈУГ и натаму постои како активно јавно претпријатие.

Со својата работа под старото име продолжува и Југословенска кинотека, во чиј архив се чуваат голем фонд југословенски и на светски филмски наслови. Во нивната библиотека можат да се најдат околу милион исечоци од весници и над 20.000 публикации за филмот и за телевизијата.

Една од ретките компании со југословенско обележје што и денес се наоѓа во државна сопственост е „Југоимпорт“. Ова претпријатие е основано 1949 година за увоз на делови и суровини за потребите на домашната воена индустрија. Со годините тоа се прошири и на меѓународниот пазар, и денес претставува најголема регионална компанија во областа на одбранбената индустрија.

Во државна сопственост делумно се наоѓа и Јумбес, која го носи целосното име како Југословенска банка за меѓународна економска соработка. Оваа банка е основана во 1979 година, како специјализирана финансиска институција за поттикнување на економската соработка на тогашните југословенски претпријатија со странски партнери. Владата на Србија учествува со петтина од акциите на банката и има најави за нивна продажба на приватен инвеститор.

Долгата традиција на поранешната држава и натаму ја следи активната „Ју група“, музички состав од Белград. За роденден на групата го избраа 29 ноември, Денот на републиката СФРЈ и долги години го прославуваа во белградскиот Дом на синдикатите.