Јадранско Море се дави во пластика

53

Хрватска

Концентрацијата на пластичен отпад на дното на Јадранско Море е меѓу најголемите во Европа, по североисточниот дел на Медитеранот и Келтско Море.
Отпад во Јадранот стигнува од околу четири милиони луѓе што живеат покрај брегот, а тој број се зголемува речиси за шест пати за време на туристичката сезона, предупредува меѓународен тим експерти во студија објавена во списанието „Марин полушн булетин“, пренесува хрватски „Индекс“.

Како што се наведува, посебен проблем за Јадранот е тоа што станува збор за релативно мало, плитко и полузатворено море, кое е поврзано со Средоземно Море што исто така е полузатворено и загадено.
Во водите во јужна Хрватска околу 90 отсто од пластичниот отпад доаѓа поради струите и ветровите, најмногу од Албанија.

Перо Тутман од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит (ИЗОР) вели дека 70 до 80 проценти од отпадот во морето доаѓаат од копното, додека остатокот е од морето по пат на транспорт, туристички активности, риболов и платформи далеку од брегот.

– Медитеранот е, за жал, едно од загадените мориња, бидејќи станува збор за полузатворен базен, а кон него гравитираат повеќе земји со различен цивилизациски развој. Има голем број земји од Азија, Африка и Европа, а, за жал, не е во сите докрај развиено нивото на еколошката свест и однесувањето – вели Тутман.