Јавноста бара оставка од јавниот обвинител, кој е масон

560

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ вчера упати порака до сите членови на здружението на слободните ѕидари, а кои работат некаква јавна работа или се државни функционери, особено во судските органи, дека непотребно ги доведуваат во прашање својата објективност и лојалност.

– Тоа, всушност, е тајно друштво и секој што ќе влезе во тоа мора да води сметка за тоа што пишува во законот и каков впечаток остава кај јавноста. Одамна и мене ми понудија, но не ја прифатив поканата. Масоните кај нас оставаат впечаток на нешто мистично и тајно и ако работат некои јавни работи, непотребно се доведува во прашање нивната лојалност кон Уставот – изјави Милановиќ, во врска со реакциите на јавноста, која бара оставка од хрватскиот јавен обвинител Дражен Јелениќ, кој призна дека е член на масонската ложа.

Јелениќ, за телевизијата Н1, изјави дека не размислува да даде оставка и дека станал масон затоа што тоа го „импресионирало“.
Хрватската јавност ги доведува во прашање кредибилитетот и непристрасноста на јавниот правобранител, бидејќи тој е член на масонската ложа и бидејќи се нашол во истрага за уцени на офталмологот Никица Габриќ, основач и директор на специјалната болница за офталмологија „Светлина“, кој исто така е масон.

Под сомнение дека извршиле обид за изнудување, полицијата во Загреб уапси тројца новинари во петокот. Тие беа уапсени под сомнение дека го уценувале Габрит, барајќи му околу 27.000 евра, кои тој би ги платил преку реклами во нивниот весник, за да не објават фотографии од церемонијата на масонската ложа, на која ѝ припаѓа.
Признавајќи дека е член на масонската ложа, јавниот правобранител им рече на новинарите дека Габриќ се обидел да влијае на текот на истрагата против тројца новинари, од кои едниот исто така е масон.