Шутц: Балканот во највисоките приоритети за Германија

70

Споровите во регионот на Западниот Балкан, вклучувајќи го и оној меѓу Северна Македонија и Бугарија, што би можеле да влијаат на членството во ЕУ, треба да бидат решени во духот на добрососедските односи, е ставот на Сузане Шутц директорката за Балканот во германското Министерството за надворешни работи.
– Предлог-рамката за преговори (за членство), предложена од Европската комисија на 1 јули, ја нагласува заложбата за добрососедските односи и поблиска регионална соработка, како и важноста за постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори со добра волја, вклучувајќи ги и договорот од Преспа со Грција и договорот за добрососедски односи со Бугарија – вели Шутц во интервју за БИРН.

Според Шутц, Германија има цел да ги финализира преговарачките рамки и да ја одржи првата меѓувладина конференција со Македонија, доколку се исполнети условите, исто како и со Албанија, во текот на германското претседавање со ЕУ во втората половина од оваа година.
– Западен Балкан е високо на агендата на германското претседателство со Советот на ЕУ, но конкретниот напредок на државите кон интеграцијата во ЕУ – од започнувањето на преговорите, до отворањето на поглавјата – зависи од нивната заложба за владеење на правото и слободата на медиумите – додава Шутц.