Што купуваа граѓаните со стоте евра државна помош

197

Во Србија, во мај, кога почна исплатата на еднократната финансиска помош, пораснал прометот на непрехранбени производи и тутунски преработки, а во истиот месец е зголемен и увозот на странски производи за десет проценти

Во Србија се прават првите процени за државната помош од 600 милиони евра за исплата на еднократна сума по 100 евра за секој полнолетен граѓанин. Колку од овие пари се потрошени на домашни производи е непознато, но показателите за мај покажуваат пораст на домашната потрошувачка во споредба со април, кога беше воведена вонредната состојба и беше блокирана целата земја. Според податоците на Републичкиот завод за статистика, во мај, кога почнаа првите исплати од 100 евра, продажбата на мало во споредба на претходниот месец скокнала за 28,7 отсто. Прометот на прехранбени продукти, тутунски преработки и пијалаци во овој период пораснал за 9,1 отсто, но продажбата на непрехранбени производи скокнала за 52,3 отсто. Во мај граѓаните во Србија повеќе трошеле и на гориво, и тоа за 50 отсто повеќе, што се должи и на зголемениот сообраќај во земјата по олабавување на мерките против епидемијата на коронавирусот.

– Трговијата на мало во мај порасна во споредба со април, како и во првите пет месеци од годинава, во однос на минатата година, и тоа е пораст од 2,7 отсто. Ова е очекувано, затоа што во април сѐ беше затворено. Не работеа трговските центри и градскиот превоз. Тоа доведе до пораст на потрошувачката на непрехранбени производи и моторни горива. Но нагласувам дека добар дел од парите заврши за увозни артикли, затоа што има раст на увозот на прехранбени производи од 10,7 отсто, но и на увозот на тутун, кој е зголемен за 12,2 отсто – вели Саша Ѓоковиќ, соработник на Институт за пазарни истражувања.
Дел од стоте евра исплатени од државната каса е потрошен и на фармацевтски производи, за заштитни маски и медицински препарати, затоа што увозот на овие производи во првите пет месеци годинава во однос на истиот период лани се зголеми за 20 отсто. Прометот беше поттикнат и од исплатата на еднократната помош за пензионерите од 4.000 динари, но, генерално гледано, овие исплати немаат некој посилен ефект на домашната српска економија.

– Мислам дека порационално ќе беше да се исплаќаат ваучери на посебни целни групи – пензионери и невработени лица со кои ќе купуваа домашни производи. Вака, исплатата на 100 евра беше предизборна мерка, која ќе нема видлив ефект. Тоа го поттикна прометот, но еднократно – нагласува Саша Ѓоковиќ.
Според економистот Љубомир Маџар, исплатата на 100 евра за граѓаните би имала траен ефект само во случај кога би се исплатувале секој месец.
– Сега имаме еднократен ефект. Тоа е еднакво на брановите кога ќе се фрли едно камче во водата. Се прават бранови што брзо ќе се смират. Од аспект на потрошувачката, тоа е мал дополнителен износ, но затоа е голем издаток од државниот буџет – вели Маџар.
Тој смета дека не се случи големо влијание на побарувачката, ако се гледа нивното учество во вкупните приходи на населението. Ако БДП е 45 милијарди евра, а приходите се околу 40 отсто, значи 18 милијарди евра, така што половина милијарда за оваа мерка не е нешто што може значајно да влијае на домашната економија. Фискалниот совет имаше забелешки за оваа мерка, но тогаш никој не посвети внимание, а тоа беше глас во пустината – вели Љубомир Маџар.

Мерки за директна финансиска помош за граѓаните, во време на епидемијата, донесоа и другите држави од регионот. Хрватска издаде ваучери за потикнување на домашниот туризам, а Македонија овие бенефиции ги прошири и за други намени. Со третиот пакет мерки на Владата на Македонија беа одобрени средства за директна финансиска поддршка за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството и земјоделството, награда за лекарите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија.
Вредноста на мерките од третиот пакет изнесува 355 милиони евра, а преку нив ќе бидат опфатени 730.000 корисници. Со овој пакет, вкупната помош за економијата од трите сета мерки изнесува 550 милиони евра, или 5,5 отсто од БДП. Околу 100 илјади граѓани на нашата земја ќе добијат платежна картичка вредна 9.000 денари за македонски производи и услуги. Исто така, 100 илјади наши граѓани ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и домашна платежна картичка од 3.000 денари. Одобрена е и парична поддршка за млади дo 6.000 денари. Како значајна мерка за одржување на домашната потрошувачка беше и исплатата на паричен надоместок за сите лица што останале без работа од 11 март до 30 април 2020 година. Ефектите од овие социјални бенефиции од државниот буџет ќе се видат во јули, кога беа извршени и најголемите исплати за граѓаните.