Чавушоглу: Макрон е хистеричен

354

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон станал хистеричен во врска со случувањата во Либија и Сирија и за спорот околу поморските граници на истокот на Средоземното Mоре.

Односите меѓу НАТО сојузниците – Турција и Франција – се влошија поради нивната спротивставена политика во Сирија, Либија и спорот на Турција со Грција за енергетските ресурси, а двете страни разменија горчливи обвинувања во последните неколку недели.

Анкара го обвинува Париз дека обезбедува политичка поддршка на либискиот воен командант од истокот на земјата Калиф Хафтар во неговата борба против владата во Триполи, која ужива поддршка од ООН, со тоа што му пружа воена помош во борбата против исламските милитанти. Париз го негира тоа.

– Тие, Французите, во Либија го поддржуваат пучистот Хафтар и прават голема грешка. Работите се променија, балансот се смени, Хафтар е поразен и Макрон стана хистеричен – рече Чавушоглу.

Турција и Франција речиси дојдоа на раб на конфликт во јуни откако еден француски воен брод се обиде да провери турски брод како дел од ембаргото за оружје за Либија.

– Со таква хистерија, не знаеме што да правиме. Веднаш после тоа, тој рече дека нашите бродови ги вознемируваат нивните бродови во источниот дел на Средоземното Море, но не можеше да го документира тоа и се понижи – рече турскиот министер за надворешни работи.

Од Елисејската палата или од француското Министерство за надворешни работи сè уште нема реакција за изјавите на Чавушоглу.