Цутењето на српските протести нема да ја донесе „балканската пролет“

494
Незадоволството во Србија придонесе да се отвори прашањето дали протестите претставуваат почеток на т.н. „балканска пролет“

Протестите што почнаа во Белград на 8 декември минатата година се раширија низ другите српски градови, а можеби претставуваа инспирација и за слични протести во Албанија и во Црна Гора, каде што активистите се кренаа против властите. Цутењето на незадоволството придонесе да се отвори прашањето дали протестите претставуваат почеток на т.н. „балканска пролет“, пишува „Форен полиси“. 

И покрај растот на температурите на Балканот, ниту цутењето на цветовите, ниту масовните протести не треба да бидат сметани за почеток на „балканската пролет“, моделирана по револуциите кои го потресоа арапскиот свет во 2011 година. 

Не треба да се заборави дека Александар Вучиќ веќе надмина ситуација со масовни протести по неговата победа на претседателските избори во 2017 година, кога незадоволните граѓани беа на улиците безмалку два месеци. Но, демонстрациите згаснаа. Учесниците на протестите му се спротиставија на Вучиќ, но не понудија алтернатива. Тогаш, слично како и сега, демонтрантите немаа сериозна стратегија за остварување на целите. Можеа да мобилизираат толпа, но немаа јасно дефиниран пат до победата, па губењето на здивот беше неизбежно поради бесцелноста. Денешните организатори на протестите се подобрија во однос на претходниците, со поставување на конкретни барања, повикувајќи на оставките на министрите за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и за здравство Златибор Лончар, како и на двајца водечки луѓе на Радио Телевизија Србија. Опозицијата бара и пресуда за случајот на убиството на лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ.

Главен проблем за демонстрантите претставува неможноста за политички притисок врз власта преку застанување зад кандидат кој може да ја загрози позицијата на Вучиќ. Движењето против српскиот претседател е попречено од фактот оти сите опозициски алтернативи се длабоко поделени и непопуларни.

– Партијата на Вучиќ не е обожувана, но уште не искусила самонанесен пораз. Наспроти нивните опоненти, тие уште имаат политички капитал за трошење. Додека ова не се смени, демонстрантите ќе имаат потешкотии да покренат масовна мобилизација, како во случајот кога Слободан Милошевиќ беше симнат од власт во 2000 година. Моментно, никој не е способен да претстави радикално поинаква визија за државата – се наведува во анализата на „Форен полиси“. 

Згора, во Србија се создава проблематичен континуитет според кој секоја нова структура на власта содржи остатоци од онаа што претходела, со што, се чини, дека ништо не се менува. Затоа, сите идеи за балканска пролет треба да бидат земени со резерва.