Ципрас се надева на пресврт на предвремените избори

188

Грчкиот премиер Алексис Ципрас потврди дека предвремените парламентарни избори ќе бидат одржани на 7 јули, по поразот на неговата левичарска партија Сириза на локалните и на изборите за Европскиот парламент. Ципрас во интервју за телевизијата ЕРТ изјави дека в понеделник ќе отиде кај грчкиот претседател Прокопис Павлопулос за да побара избори.

– Резултатите од евроизборите ни испратија порака за разочараноста на граѓаните. Наша грешка е што не бевме свесни за заморот на грчкиот народ – рече Ципрас, кој дојде на власт во јануари 2015 година.

На европските избори, Сириза доби 9,5 отсто помалку гласови од победникот Нова демократија, но грчкиот премиер ја најави и можноста за пресврт, цитирајќи ја изреката на Галилео Галилеј: „Сепак се врти!“.

Спомена дека е потребно да има поголема излезеност, односно одново да гласаат околу 600 илјади гласачи кои во 2015г. ја поддржаа Сириза, а сега одбраа да не излезат на гласање, повеќето од нив за да го изразат незадоволството, но и доколку се вратат кон Сириза оние кои гласале за помалите партии, а тоа се околу 400 илјади.
Тој рече дека овојпат станува збор за ново соочување, во кое главното прашање ќе биде „кој ќе ја води земјата во следните четири години, која влада, кој премиер, а со тоа и кој план, со која програма“.