Ципрас: Нова демократија да каже каде ги трошеше средствата од тајните фондови

407

Наместо да се однесува популистички, Нова демократија да каже каде ги трошеше средствата од тајните фондови додека беше на власт, одговари денеска Кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас на обвинувањата на опозициската партија за начинот на располагање со тајните фондови.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во соопштението на грчката Влада се објаснува дека веќе втора година, Парламентот има детални информации за фондовите на Министерството за надворешни работи.

– Од 2017 година, по иницијатива на (досегашниот шеф на дипломатијата) Никос Коѕијас и грчката Влада, грчкиот Парламент детално се информира за користењето на специјалните фондови на Министерството за надворешни работи. Нова демократија, наместо да се однесува популистички, добро би било да ни каже каде ги потроши конкретните средства во периодите кога беше на власт, кога министрите за надворешни работи беа целосно без контрола – се истакува во соопштението на Кабинетот на Ципрас,

Како што претходно јави МИА, најголемата грчка опозициска партија во соопштението под наслов „Ципрас, Каменос и Коѕијас да ги објават нивните доверливи тајни“, побара од грчката Влада да ги објави сите податоци што ги има за користењето на тајните фондови.