Ципрас вети дека нема да троши прекумерно

663

Грција ќе излезе од програмата за заеми без отворање превентивна кредитна линија, соопшти премиерот Алексис Ципрас. Тој исто така најави дека Атина нема повеќе прекумерно да троши како пред избивањето на должничката криза.
Грција сега е во третиот режим на заем од 2010 година, а таа програма завршува на 20 август.

Атина се надева дека дотогаш ќе оствари целосен пристап до пазарот и ќе добие слобода самостојно да ја води економската политика по осум години под надзор на Европската Унија (еврозоната) и Меѓународниот монетарен фонд.
Некои европски лидери се загрижени дека грчките политичари можат да бидат под притисок повторно да почнат засилено да трошат.
Кредиторите од еврозоната сега за Грција подготвуваат понуда за растоварување на грчкиот долг, но тоа треба да се изведе така што Атина нема да се откаже од реформите и ќе продолжи да спроведува мудра фискална политика, изјави минатата недела функционер на ЕУ.

На средбата неделава, Грција треба на министрите за финансии на еврозоната официјално да им го предаде нацртот на економската политика што планира да ја спроведува кога ќе измине периодот на заеми.
Ципрас се надева дека преговорите за тоа ќе бидат завршени до крајот на јуни.