Цената на дизелот ги блокира српските сообраќајници

507

Протестите на возачите поради високите цени на горивото, пред сѐ на дизелот, беа повод за нова политичка пресметка меѓу власта и опозицијата

Возачите во Србија, кои се незадоволни од цената на горивото, трет ден по ред блокираат одделни патни правци во земјата. Вчера во Белград имаше делумна блокада на кружниот тек на Славија, а протестот на возачите траеше два часа. Јавното претпријатие за одржување на магистралните правци во Србија соопшти дека привремен прекин на сообраќајот имало и на други места во Војводина и на клучни обиколници на Ибарската магистрала.
Протестите на возачите поради високите цени на горивото, пред сѐ на дизелот, беа повод за нова политичка пресметка меѓу власта и опозицијата. По изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека болокадите во Белград и другите градови во земјата се организирани од опозицијата и некои српски тајкуни, се огласија и од граѓанската иницијатива „Против диктатурата“.
– Вашите изјави за протестот, како и за сите претходни што се организирани против изборната измама, создаваат длабоки поделби и ја уриваат стабилноста во земјата. Тие повикуваат на линч и ја загрозуваат безбедноста на учесниците во протестите. Постапките што се водат против нив во судовите предизвикуваат страв и им даваат легитимитет на сите што се одлучуваат да ги нападнат учесниците на овие протести. Овие постапки се апсурдни и имаат цел да ги обесхрабрат сите оние што мислат поинаку и што не се плашат да го дигнат гласот против оваа угнетувачка власт – се наведува во соопштението на граѓанското здружение.

Обвинувањата од претседателот дека опозицијата ги организира протестите, граѓанските активисти ги сметаат за обид да се задуши граѓанското незадоволство.
Градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, ги осуди постапките на возачите, кои со десетина возила ги блокираа главните сообраќајници во Нови Сад.
– Не сакам да влегувам во нечие легитимно право да го изрази своето граѓанско незадоволство, но ова што се случува на улиците на Нови Сад изгледа како граѓанска анархија. Ги повикувам државните органи да не дозволат кршење на законите и да обезбедат услови за нормално функционирање на сообраќајот во градот – пишува во соопштението испратено од неговиот кабинет.
Министерот за одбрана на Република Србија, Александар Вулин, ги повика организаторите на протестите да не се кријат зад возачите и ги упати на разговор со министерот за финансии, доколку се легитимираат пред јавноста.
– Одлуката дали ќе биде намалена акцизата за горивото зависи од цената на нафтата на светскиот пазар и од процените на Министерството за финансии. Владата не знае кои се барањата на организаторите на протестот – изјави Вулин за белградските медиуми.
Протестите против високата цена на горивата траат неколку дена во Србија и се организираат преку социјалните мрежи. Од почетокот на годината цената на горивата пораснала за девет динари за литар, а на дизелот за 11 динари. Барањата на незадоволните граѓани се новата цена на горивата да не биде повисока од 110 динари за дизел и 120 динари за безоловниот бензин. Возачите бараат цената на плинот да не биде повисока од 50 отсто од основната цена на бензинот.