Целосно се урна потпорниот ѕид на Коридорот 10

1471

Бетонскиот потпорен ѕид, кој завчера делумно се урна на Коридорот 10 во Грделичка Клисура, поради лизгање на земјиштето вчера, целосно е урнат.
Овој потпорен ѕид, кој се наоѓа на Коридорот 10 на делот од автопатот во изградба кон Македонија, на делницата Горно Поле – Царичина Долина, во изминативе пет месеци паѓаше дури трипати.

Потпорната конструкција завчера се урна во должина од 50 метри и се дестабилизира делот од заштитната косина со вкупна должина од 725 метри, со што се уништени околу 500 квадратни метри галерија над местото каде што се гради десната лента на новиот автопат.
За време на паѓањето на бетонот, земјата и на камењата, во близината немаше работници.

Србија, по второто паѓање на бетонскиот потпорен ѕид, го ангажира експертот на Светската банка, Мариноса Скемпаса, за да го реши овој проблем, но сепак повторно дојде до уривање на потпорниот ѕид.

– Со оглед на тоа што степенот на физичката реализација на оваа делница достигна 90,5 проценти изведени работи, работите на овој дел од трасата на Коридорот 10 ќе продолжат и покрај неопходната реконструкција на оваа градба – се истакнува во соопштението за јавноста, во кое не се наведува колку овој проблем ќе го одолжува пуштањето во употреба на новата делница од автопатот кон Македонија.