Хрватското море прескапо и за Словенците

663

Поради поскапувањето на таксата за престој во марините и другите надоместоци на хрватските пристаништа, словенечките туристи што се сопственици на јахти и бродови размислуваат ова лето да се преселат во другите медитерански земји.
За поскапувањето на летниот одмор во Хрватска деновиве се пишуваше во љубљанско „Дело“, кој објави ценовник за престој во хотелите и во рестораните, како и за повисоките такси за престој, поскапувањето на сезонските патарини и превозот на траекти, како и за петкратното зголемување на цените за сидриште во марините. За споредба весникот ги објавува цените за влезници во националниот парк „Плитвице“, кои годинава поскапеа од 180 на 250 куни (34 евра). Слични поскапувања има и за посета на другите национални паркови во Плитвице.

Но словенечките туристи се најмногу фокусирани на наутичкиот туризам, а Хрватска беше традиционална дестинација за многу наутичари од цела Европа. Поради повисоките цени многу од нив планираат да се преселат со своите бродови на други поповолни пристаништа и марини на Медитеранот. „Дело“ пишува дека наутичкиот туризам од година на година бележи раст. Лани во оваа индустрија во Европа се вртеле околу 23 милијарди евра, а хрватската наутичка индустрија лани забележала приход од 950 милиони долари.

Сепак, и покрај поскапувањата, менаџерите на словенечките марини не очекуваат масовен одлив на наутичарите од хрватското море. За тоа говорат и рекордните резултати од минатата година на хрватскиот туризам, со 18,5 милиони пристигнувања и 102 милиона ноќевања. Во голем дел ова се должи на порастот на наутичкиот туризам. Во изминатите 11 години бројот на пловила на хрватската страна на Јадранот се зголемил за 27 отсто, а бројот на наутичари за 50 отсто.

На хрватскиот брег има вкупно 139 пристаништа, 71 марина, со вкупен капацитет од 17.400 сидришта. Само од продажбата на места марините лани оствариле повеќе од 100 милиони евра нето-приход. Изнајмувањето бродови донело дополнителни 400 милиони евра. Освен тоа, минатата година во Хрватска од другите земји пристигнале 18.211 странски јахти, моторни чамци и бродови, додека во Хрватска има вкупно 65.000 регистрирани пловила.

„Дело“ потсетува дека досега хрватските марини традиционално биле поевтини од словенечките. Сега во некои марини во Хрватска цените за оваа услуга се повисоки од двете најскапи марини во Словенија, кои се во Порторож и во Изола.