Хрватскиот егзодус го достигна највисокото ниво

157

Процесот на иселување од Хрватска ќе продолжи и неговиот интензитет ќе слабее, но проблем е што се намалува просечната старост на економските емигранти

Хрватска поминува низ демографска катастрофа. Од земјата, од влезот во Европската Унија, заминале многу повеќе луѓе отколку што покажува официјалната статистика. Просечната старост на хрватските емигранти е многу пониска од претходните иселенички бранови. Сега заминуваат сѐ помлади лица. Во периодот од 2001 до 2013 година просечниот хрватски емигрант бил стар 41,5 година, а во 2016 година овој просек паднал на 33,6 години. Иако процесот на иселување ќе продолжи, неговиот интензитет ќе слабее. Ова се заклучоците на новата анализа објавена од Институтот за јавни финансии.

Групата експерти ги споредувале хрватските и странските податоци за иселувањето по зачленувањето во ЕУ и дошле до сознанија дека вистинскиот број на иселениците може да биде 2,6 пати повисок од државната статистика. Додека официјалната статистика прикажува 102.000 иселеници за период од 2013 до 2016 година, странските извори укажуваат на бројка од 230.000 иселени Хрвати. Од нив најмногу се отселите во Германија, околу 71 отсто, следуваат Австрија и Ирска, која порано не беше на листата на посакувани земји за работа.

Покрај слободата на движење на работната сила во рамките на ЕУ, како главни причини за заминувањето на Хрватите е нивната перцепција за подобри услови за живот во другите земји на Унијата, како и повисок степен на развој, наведуваат авторите на анализата. Иако Хрватска не е единствен случај на масовна миграција, загрижува тоа што иселениците заминуваат засекогаш и тоа го прават со цели семејства. Посебно се празнат послабо развиените делови на земјата, а иселеничкиот бран е послаб во поразвиените подрачја на Хрватска, пренесува „Јутарњи лист“.
Појавата на емиграција најверојатно ќе има силно влијание на ефектите на хрватската економија на среден рок, предупредуваат авторите на студијата. Сепак, Иван Чипин, демограф од загрепскиот Економски факултет, смета дека сликата не е баш толку црна.

– Главниот иселенички бран е зад нас. Иселувањето и натаму ќе продолжи, но нема да биде толку интензивно како во претходните години. Сепак, отворањето на австрискиот пазар на трудот за хрватските државјани во 2020 година, може да апсорбира дополнителна работна сила од Хрватска – предупредува Чипин.

Главна причина зошто во следните години не би требало да има забрзана емиграција е недостигот од работници во Хрватска и затоа растат платите. Засега, цели сектори од хрватската економија се соочуваат со недостиг од работници, иако има 148.000 невработени. Министерството за труд на Хрватска за следната година предвидува увоз на 63.000 работници и ова е рекорден број досега. Хрватските работодавци гледаат потенцијал на пазарите за работна сила во Босна и Херцеговина и во Србија. Но и ова е во ограничени размери затоа што и тамошните работници својата егзистенција ја бараат во Германија. Затоа, хрватските претпријатија покажуваа сѐ поголемо интересирање за увоз на работници од Украина.

– Следната година ќе биде уште поголем проблем со работната сила, но треба да се внимава на квалитетот на работниците затоа што работите во угостителството не можат да ги работат сите – предупредува Анте Михиќ, поранешен шеф на Здружението на угостители во Хрватската стопанска комора.

Работници недостигаат и во трговскиот сектор, кој се соочува и со намален број купувачи, поради одливот на населението од Хрватска. Слободан Школник, сопственик на трговска фирма, вели дека на земјата ѝ недостигаат половина милион жители, поради што не може да се очекува раст на економските активности со толку намалена потрошувачка и со сѐ постаро население.

Хроничен недостиг од работници има и во градежништвото и во преработувачката индустрија. Планираниот увоз на работна сила што го најави надлежното министерство наиде на отпор кај синдикалните организации.

– Ние не сме ксенофоби, но не гледаме логика толкав број да ја напушти земјата, а потоа да бараме работна сила надвор. Згора на тоа што се бараат странски работници и за оние професии за кои има домашни работници, кои се на Бирото за вработување – вели Крешимир Север, претседател на Независните хрватски синдикати.