Хрватска се повлекува од мисијата во Авганистан?

220

На состанокот на министрите за одбрана од членките на НАТО, Хрватска доби позитивна оцена за учеството во меѓународните мисии, односно за ангажманот на хрватските војници во Авганистан, на Косово и во Ирак. Една од опциите што стануваат сѐ поизвесни е Хрватска да се повлече од мисијата во Авганистан, а за сметка на тоа да добие поголема квота за војници за мисиите на Косово и во Ирак, пишува „Јутарњи лист“, повикувајќи се на информации од учесници на министерскиот состанок, кој се одржал во средата и четвртокот, а на кој присуствувал и министерот за одбрана Дамир Крстичевиќ. Неофицијалните извори од МОРХ кажуваат дека било разговарано за иднината на операцијата во Авганистан во рамките на мировните преговори, кои се одвиваат под покровителство на САД, меѓу авганистанската влада и талибанците за завршување на конфликтот. Заклучокот од министерскиот состанок е земјите-учеснички во мисијата, меѓу кои е Хрватска, да одат кон намалување на бројот на војниците, а тоа веќе се прави од САД, кои повлекуваат од воениот персонал што не е дел од НАТО-операциите.

Промената на политиката е од важност за Хрватска, која има 104 војници во Авганистан ангажирани како советници на авганистанската војска, полицијата и специјалните сили и на медицински и други воено-полициски задолженија. Новоизбраниот хрватски претседател Зоран Милановиќ во предизборната кампања истакнуваше дека нема повеќе смисла да се учествува во оваа мисија.

На одлуката за повлекување треба да ѝ претходи сеопфатна анализа за учеството на хрватската војска во НАТО. Неопходно е да се разговара со партнерите Германија и САД, со кои заедно учествуваат во мисијата во Кабул. За возврат, Хрватска може да понуди зголемување на бројот на своите војници во НАТО-мисијата на Косово, која е стратегиски и политички многу поважна зона на интерес, сметаат соговорниците на „Јутарњи лист“. На состанокот на министрите за одбрана се разговарало и за враќањето на војниците во Ирак. До убиството на ирачкиот генерал, хрватската мисија во оваа земја се состоеше од седум војници.