Хрватите се недовреливи кон интернет-трговијата

831
Онлајн-продажбата во Хрватска доцни една деценија зад Европската Унија

Трендот на купување преку Интернет во иднина ќе расте, а тоа ќе се одрази и на работењето на класичната трговија во Хрватска

Учеството на онлајн-купувачите во Европската Унија од 30 отсто во 2007 година порасна на 55 отсто во минатата година, а порастот во Хрватска достигнал нешто над 30 отсто. Причината зошто хрватските граѓани заостануваат зад европскиот просек за купување преку Интернет е сѐ уште големата недоверба на домашните потрошувачи во онлајн-продажбата, пишува „Нови лист“.
– Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ за следните години планира да го намали бројот на физички продавници, а за сметка на тоа да ја засили онлајн-продажбата – најави извршниот директор Каспер Рорстед, за „Фајненшл тајмс“.
Според планот, продажбата преку Интернет треба да се удвои до 2020 година и да достигне ниво од четири милијарди евра.

Трендот на купување преку Интернет во иднина ќе расте, а тоа ќе се одрази и на работењето на класичната трговија во Хрватска. Несомнено тоа ќе влијае на загубата на работни места, а во загуба ќе бидат и изнајмувачите на деловен простор, особено во централните места во градовите. Но засега, иако е-трговијата е важна за сегашниот начин на живот, нема некои посериозни показатели за затворање на физичките продавници во Хрватска, велат од Хрватската стопанска комора.

Податоците на Еуростат покажуваат дека во Хрватска во просек Интернет користат 74 отсто од популацијата, што е за десет процентни поени помалку од просекот на ЕУ. Од земјите-членки на ЕУ, Интернет најмногу се користи во Луксембург, Данска, Шведска, Финска и во Велика Британија, и тоа меѓу 94 и 98 отсто од населението. Под просекот се земјите како Хрватска, Бугарија, Романија и Грција, а изненадува и тоа што во оваа група е и Италија.

– Најмногу онлајн-купувачи има во Данска и во Велика Британија. Во ЕУ преку Интернет најмногу се купувало облека, спортски производи, услуги поврзани со патувања (билети и сместување), влезници за културни настани, предмети за домашни потреби, играчки, книги, весници. Околу 68 отсто од интернет-потрошувачите не се соочиле со проблем при купувањето – велат од Хрватската стопанска комора.

Меѓу најголемите проблеми при онлајн-шопингот се долгото чекање на испораката на порачаниот производ, техничките грешки при нарачувањето или плаќањето, испораката на погрешен или неисправен производ. Околу 35 отсто од купувачите купуваат просечно на секои три месеци, а 40 отсто од нив купуваат производи во вредност меѓу 100 и 500 евра. Податоците покажуваат дека 32 отсто од учесниците во онлајн-трговијата купуваат од трговските фирми што дејствуваат на ниво на ЕУ.
– Со стратегијата за единствен дигитален пазар на Европската комисија се утврдени низа подрачја во кои се преземени мерки за отстранување на пречките во прекугранична трговија преку Интернет. Исто така, дефинирана е и законската рамка за е-трговија. Со единствениот дигитален пазар се тежнее да се обединат националните пазари во еден единствен и дигитален пазар преку укинување на постојните ограничувања во меѓународната интернет-трговија – нагласуваат во ХСК.