Хрватите на дното од европскиот стандард

102

Хрватска, според стандардот на граѓаните, речиси го допре дното на Европската Унија, а само Бугарија има полоша индивидуална потрошувачка и бруто-домашен производ по жител. Според двата показатела за мерење на паритетот на куповната сила, Хрватска е на 62 отсто од европскиот просек, а Бугарија е на 54 отсто од европската просечна потрошувачка. Хрватска и Унгарија се на претпоследното место според личната потрошувачка, објави Еуростат.

Пред една деценија, полош стандард од Хрватска имале Литванија, Полска, Романија и Бугарија. Хрватска помина период од шест години со економски пад, додека другите економии забележуваа раст.
Последните години економската економија просечно растела со стапка од 1,5 отсто. Хрватска за идната година прогнозира раст од 2,8 отсто, додека Бугарија планира пораст од 3,7 отсто.

Професорот Дамир Новотни, за „Слободна Далмација“, вели дека ова е последица на стагнацискиот процес во хрватската економија.

– Се плашам дека годинава туристичкиот сектор го достигна својот максимум и се предвидува стагнација во овој сектор поради јакнење на понудата од конкурентските земји. Можно е да се случи развој сам по себе, благодарение на тоа што сме во ЕУ. Но овој раст поради екстерното влијание, ќе биде забавен поради отсуство на јасни цели од Владата, кои би го забрзале економскиот и пред сѐ регионалниот развој, како што го прават тоа Бугарија и Романија – вели Новотни.

Источна Европа го забрзува растот, во наредните пет до десет години ќе имаат повисоки стапки на раст, доколку во Хрватска не се сменат работите. Словачка и Романија ги отворија своите пазари, а истото тоа го прави и Бугарија. Унгарија ќе стагнира затоа што е политички и економски ригидна.