Харадинај ја обвини Могерини за штетата во дијалогот со Белград

89

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја обвини шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини дека е одговорна за штетата нанесена на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Со тоа, како што кажа, предизвикала политичка драма не само на косовската територија туку и во регионот.

Харадинај ова го кажа на собир по повод потпишувањето на договорот за стабилизација и асоцијација, реагирајќи на изјавата на шефицата на Канцеларијата на ЕУ во Приштина, Наталија Апостолова.

Апостолова ја повика Приштина да ги укине наметнатите царини на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.

– Наметнатите царини на стоката од Србија не се само кршење на ЦЕФТА-договорот, тие не се ни во духот на договорот за стабилизација и асоцијација – изјави Апостолова.

Харадинај, во изјава за медиумите, рече дека не може да се постигнат сите цели од договорот поради тешкотиите што ги создава комесарката Федерика Могерини, а сето ова е последица на разговорите за размена на територии.

Тој оцени дека Договорот за стабилизација и асоцијација е одличен, со напомена дека Приштина се обврзала дека ќе ги изврши своите „меѓународни обврски за јакнење на демократизацијата, воспоставување на стабилноста, реформа на администрацијата и јакнење на безбедноста“.

Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, во интервју за „Агенција Европа“, забележува дека парламентите во повеќето земји од Западен Балкан сѐ уште не функционираат по европски стандарди.

– На Балканот го има тој менталитет на црно или бело. Или сте победник или сте губитник. Но во демократијата клучниот елемент е компромисот, а компромисот често има негативна конотација во Западен Балкан, но всушност тоа значи дека секој треба нешто да му даде на другиот за да добие нешто плус – вели Хан во интервјуто.

Тој смета дека овој проблем не се однесува само на политичарите и дека оние политичари што не покажуваат способност за компромис се „на некој начин лош пример за луѓето“.

– Затоа толку инвестираме во зајакнување на парламентот, тоа е клучна област, како што можете да констатирате во повеќето земји, парламентот не функционира како што сакаме – вели комесарот.

Тој се оградува од квалификациите дека станува збор за „балкански стил“ и истакнува дека слични проблеми се јавуваат во источното соседство на ЕУ, но и во јужното, како на пример во Тунис.